Свети пророк Илија (Илинден), кој пали и гаси на небото и земјата – Народни обичаи и верувања

На 2 август, македонскиот народ го чествува големиот празник Илинден, кој во колективната свест е најтесно поврзан со Илинденското востание и Крушевската Република, но во својата духовна и религиозна основа го празнува споменот на Свети пророк Илија – Громовникот.

Во христијанската црква, Свети Илија се слави на 20 јули (според стариот календар), односно 2 август (според новиот календар). Неговиот култ е длабоко врежан во народното предание и верување, особено на Балканот, а во Македонија се изградени бројни цркви и параклиси во негова чест.

Свети Илија во народното верување се смета за „небесен клучар“ – тој го отклучува или заклучува небото и ја повелува летната бура, дождот и грмотевиците. Затоа, народот го нарекува Громовник, заштитник од пожари и непогоди.

Свети Илија (Громовникот) е еден од култните свеци кај православните Македонци, бидејќи православната црква го има поистоветено со Перун Громовникот, од словенската митологија, кога вршела покрстување на Словените. Култот кон Перун бил широко развиен кај македонските Словени, па така тие го замениле своето омилено божество со христијанскиот светец. Овој култ кон Перун/Илија, и денес е присутен кај Македонците.

Свети Илија бил боговидец, чудотворец, ревнител за Божјата вера. Бил родум од племето Ароново, од градот Тесвит и затоа е наречен Тесвитјанин. Кога се родил Илија, неговиот татко Савах видел ангели Божји околу детето како го повиваат во оган и му даваат да јаде пламен. Тоа било предзнак за неговиот пламенен карактер и за богодаруваната огнена сила во него. Целата своја младост ја минал во богомислие и во молитва, повлекувајќи се често во пустината за во тишина да размислува и да се моли. Се смета дека пред крајот на светот, Илија повторно ќе се јави за да ја сотре силата на Антихристот.

И во Стариот и во Новиот Завет тој е присутен како пророк, а неговите карактеристики ги презело христијанството со тоа што го довело во врска со појавата на нова вера и доаѓањето на Христа. На денот на Преображението Господово на планината Тавор, свети Илија бил меѓу пророците кои му се поклониле на Исус Христос.

Верувања и обичаи

Според верувањето, Свети Илија не умрел, патува во огнена кочија која ја влечат четири коњи, од чии ноздри избива пламен, а татнежот на неговата кола, со која се вози низ небото и облаците, претставува грмотевица. Светиот пророк Илија бил најмоќниот старозаветен пророк и се верува дека тој влегол жив во Божјото Царство. Затоа, народот не подготвува жито на прославата на Илинден, бидејќи верува дека овој светец е жив.

Се верува дека Свети Илија одлучува каде ќе има суша, а каде ќе врне. Од таа причина се верува дека на денот на свети Илија не треба да се работи на нива, ниту да се влегува во лозјата, за да не се навлече гневот на светителот.

Според верувањата, ако на овој ден има грмотевици, целиот род на ореви и лешници ќе пропадне.

Обичај е да се јаде мед на празникот Свети Илија за да бидеме здрави во текот на целата година, а порано постоело и симпатично верување дека на овој празник на децата треба да им ги намачкаат образите со мед за да бидат здрави и весели. Исто така, се верува дека медот што пчеларите го вадат од кошницата на Илиндан е особено лековит. Исто така, многу деца се именувани по овој светец како симбол на силата и храброста.

Останало забележано во записите на Марко Цепенков дека „во летно време кога да биет ровја, св. Илија трчал со кочијата по облаци, за да ја втаса ламјата и штотуку да ја втасал ќе врлел со еден камен морски и одошто силно ќе удрел со камчето, огон силен излегувало и кај ќе удрело ќе расипело и ќе убиело. Ламјата од страв кај ќе и се вдаит, тамо ќе се скриет, за да не ја убиет. Тешко му кај ќе се скриет.“

И Кузман Шапкарев кој објавил записи од многу македонски обичаи и верувања забележал дека на 20 јули (стар стил) на споменот на пророк Илија празнуваат еснафите: кожуварите, самарџиите и ѓерамидџиите. Од нив двата први т.е. кожуварскиот и самарџискиот за време на празникот на Св. Илија до неодамна даваа општа гозба (угостување) на своите момоци, работници во еснафот на кој ден сите заедно, мајстори и калфи се гоштеваа на една или неколку софри на некое место за веселење, надвор од градот и се веселеа. Но, тоа во наше време не е вистина дека го правеле, вистина е само дека вечерта спроти празникот прават тркала од неисушени ѓерамиди како симбол на колата врз која пророкот се возел по воздух и од која грмело и пуштал дожд во кого веруваат како Бог Грмник. К. Шапкарев, исто така го забележал и верувањето дека ако на Илинден загрми таа година оревите ќе бидат шупливи.

 НУ Завод и Музеј Прилеп

одделение за социјална и духовна култура

кустос – советник Александар Цветкоски

Слични Објави