Спречен обид за шверц на ловечка муниција на ГП Стар Дојран – уапсени три лица
На Граничниот премин Стар Дојран на 28 ноември 2025 година се спречени три обиди за нелегално внесување ловечка муниција во државата, при што лишени од слобода се три лица – грчки државјани.
Полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ, во координација со царинските служби и припадници на ФРОНТЕКС, при контрола за влез во Република Северна Македонија, во три одделни случаи заплениле вкупно околу 200 парчиња ловечка муниција.
Во првиот случај, околу 10:20 часот, при контрола на патничко возило „Дајхатсу Териос“ со грчки регистарски ознаки, управувано од Х.С. (38), биле пронајдени над 130 патрони, сокриени на повеќе места во возилото.
Околу еден час подоцна, во 11:20 часот, при контрола на патничко возило „Хонда“, управувано од К.К. (76), биле откриени 24 патрони ловечка муниција.
Во последниот случај, околу 16:30 часот, при контрола на возило „Сузуки Витара“, управувано од Т.П. (62), биле пронајдени над 40 патрони.
Против трите лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави за кривично дело по член 396 од Кривичниот законик – „недозволено изработување, држење и тргување со оружје и експлозивни материи“.



