|

Засилени мерки за социјална заштита и поддршка на младите во 2025 година

На шеснаесеттиот пленарен состанок на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика при Владата на Република Северна Македонија беа претставени тековните политики и мерки во областите социјална заштита, демографија и млади.

Фокусот беше ставен на креирање конкретни политики за демографска ревитализација на државата преку поддршка на семејствата, инвестиции во предучилишно воспитание и подобрување на животните услови. Во 2025 година се продолжува со зајакнување на социјалната заштита преку усогласување на социјалните права со трошоците за живот, како и зголемување на поддршката за 33.266 семејства.

Предвидена е и измена на Законот за социјална заштита, која ќе овозможи процентуално намалување на износот на загарантираната минимална помош до 12 месеци, со цел поттикнување на активност на пазарот на трудот.

Постигнат е напредок во достапноста на социјалните услуги со зголемување на бројот на лиценцирани даватели, со вкупно 83 склучени договори во 2025 година. Започнато е пилотирање на нов интегриран информациски систем за социјална заштита, со цел подобрување на ефикасноста во работата, а се инвестира и во проширување на капацитетите на градинките.

Во делот на младинските прашања, истакната е потребата од создавање услови за полесна интеграција на младите во образовниот и работниот систем, преку изградба на интегрирана младинска политика што ќе ги поврзе институциите, бизнис секторот и граѓанското општество.

Презентирани се и напредокот во спроведувањето на Стратегијата за инклузија на Ромите, како и активностите за унапредување на родовата еднаквост и заштитата од родово базирано насилство. Во 2024 година биле регистрирани 1834 жртви на насилство, од кои најголем дел се жени и деца. Се работи на нова Национална стратегија за превенција и заштита од насилство.

И покрај предизвиците со кои се соочува земјата, беа нагласени можностите за развој, со фокус на создавање услови во кои секој човек ќе може да го оствари својот потенцијал. Координацијата и заедничката работа беа истакнати како клучни за успехот на сите овие иницијативи.

Слични Објави