РСБСП апелира: Внимателно возење и задолжителна зимска опрема поради снег и голомразица
Поради најавените снежни врнежи и значителен пад на температурите во наредните денови, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до возачите на внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително користење на зимска опрема.
Од РСБСП потсетуваат дека пред поаѓање на пат, возилото мора соодветно да се подготви за управување во зимски услови. Проверката треба да опфати состојба на антифризот, нивото на гориво, бришачите и течноста за ветробранското стакло, акумулаторот, како и состојбата и притисокот на пневматиците.
Воедно, се апелира до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и сигнализацијата, навремено да се информираат за состојбата и проодноста на патиштата, да ја прилагодат брзината на движење според условите на патот и да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата.
Од РСБСП нагласуваат дека неповолните временски услови бараат зголемено внимание од страна на возачите и упатуваат јасен апел за одговорно однесување во сообраќајот, со цел зголемување на безбедноста на сите учесници.
„Само со одговорно однесување во сообраќајот можеме да придонесеме за побезбедни патишта – секој живот е важен“, порачуваат од РСБСП.



