|

Пожарите беснеат во Македонија – Околината на Прилеп во најзагрозените

Денеска, територијата на Македонија се соочува со сериозна противпожарна криза, а меѓу најпогодените подрачја е и регионот на Прилеп. Активни пожари се евидентирани во околината на селата Бешиште, Градешница и Дрен, при што пламенот зафаќа нискостеблести шуми, деградирани дабови насади, смрека и ниска вегетација.

Екипите на Територијалната противпожарна единица Прилеп, заедно со вработени од „Национални шуми“, локалното население и поддршка од воздух, непрекинато интервенираат на терен  (околината на селата Бешиште, Градешница и Дрен). Пожарите често се шират поради високите температури (денес над 38°C), сувиот терен и присутниот ветер, што ја отежнува нивната локализација.

Дополнителна загриженост предизвикува блискоста на некои жаришта до населени места, со што се зголемува ризикот по имотот и безбедноста на граѓаните.

Надлежните служби апелираат до прилепчани да бидат крајно внимателни, да не палат оган на отворено и да пријавуваат сомнителни активности или појави на нови пожари. Како најчеста причина се посочуваат човечкиот фактор, несовесно однесување и непочитување на забраните.

Се надева дека најавените врнежи во следните денови ќе донесат барем делумна стабилизација. Јавноста е повикана на максимална внимателност, а порталот ќе продолжи редовно да ја информира за развојот на ситуацијата.

Слични Објави