Младите прилепчани повторно ќе ја изучуваат тајната на мозаикот
Од 17 до 19 јуни 2026 година, во просториите на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, ќе се одржи втората „Работилница за мозаик“ наменета за млади.
На тридневната работилница, која ќе се реализира во среда, четврток и петок, ќе учествуваат 15 талентирани ученици од општинските училишта, кои ќе имаат можност практично да се запознаат со техниките на создавање мозаик и да ја развиваат својата креативност.
Проектот „Работилница за мозаик“ Центарот за култура „Марко Цепенков“ го реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.
„Како искуство и позитивен исход од првата реализирана работилница во 2025 година, решивме проектот да продолжи и по втор пат. Целта е да ја поттикнеме мотивацијата, креацијата и желбата кај младите за изучување на оваа дисциплина во ликовната уметност. Интересот од учениците беше голем, па затоа оваа година ќе работиме со 15 млади учесници“, изјави Марјан Стојаноски, координатор на проектот.
Работилницата повторно ќе ја води м-р Александра Димитрова, која на младите учесници ќе им ги пренесе основните знаења и техники за изработка на мозаични дела.
Организаторите очекуваат проектот да придонесе кон развој на младите уметнички таленти и зачувување на интересот за една од најстарите ликовни техники.


