Театарот мора да ризикува и да го отвора дијалогот со општеството
Храброста на театарот не се мери само преку новите сценски форми и естетски експерименти, туку и преку неговата подготвеност да отвора чувствителни општествени прашања и да ја поттикнува јавната дебата. Токму оваа порака доминираше на четвртиот фестивалски ден на 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде покрај разговорите за претставите од официјалната селекција се одржа и трибината „Помеѓу отворениот дијалог и удобниот молк – театарот и општеството“.
Фестивалската атмосфера ја одбележаа дискусиите посветени на претставите „Амадеус“ на Турскиот театар и „Случајната смрт на еден анархист“ на Театарот од Штип, кои предизвикаа голем интерес кај публиката, но и кај театарските професионалци. На тркалезната маса за „Амадеус“, режисерот Андреј Цветановски и актерскиот ансамбл зборуваа за процесот на создавање на претставата и за комплексните односи меѓу генијалноста, амбицијата, љубомората и човечките слабости.
Модераторот на разговорот, Звонко Димоски, оцени дека режијата на Цветановски покажува доверба во драмскиот текст, актерот и музиката, без потреба од насилно модернизирање на делото. Според него, токму затоа претставата делува современо и блиско до денешниот гледач, бидејќи темите како зависта, стравот од неуспех и потребата за признание се универзални и безвременски.
Цветановски потсети дека уште како студент бил фасциниран од ликот на Салиери и дека идејата за целовечерна претстава ја носел повеќе од една деценија.
„Секој од нас носи по еден Салиери во себе, важно е само да не му дозволиме да дивее“, порача режисерот, објаснувајќи дека претставата е обид да се истражат односите меѓу човекот, талентот, верата и личните фрустрации.
Внимание привлече и разговорот за претставата „Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска. Иако текстот е создаден пред повеќе од пет децении, учесниците оценија дека неговата критичка острина и денес е актуелна. Според Звонко Димоски, претставата не се обидува да биде дневнополитичка сатира, туку низ внимателно одбрани современи референци отвора простор за размислување за вистината, институциите и злоупотребата на моќта.
Актерот Ефтим Трајчев Ѓаурски истакна дека најголем предизвик бил да се задржи духот на Дарио Фо, а притоа дејството да стане блиско и препознатливо за домашната публика.
„Гледачите често велат дека е комедија, но истовремено чувствуваат дека боли. Токму тоа е силата на ова дело“, рече Ѓаурски.
Во рамките на фестивалската програма се одржа и трибината „Помеѓу отворениот дијалог и удобниот молк – театарот и општеството“, која отвори суштински прашања за местото на театарот во современото македонско општество. Учесниците се обидоа да дадат одговор на дилемата дали за едно општество е поопасен конфликтот што произлегува од отворениот дијалог или удобноста на молкот и резигнацијата.
Теоретичарката на уметноста Искра Гешоска нагласи дека театарот отсекогаш бил простор каде што зборот се спротивставува на стравот и каде што општеството може да се соочи со сопствените противречности.
„Театарот е уметност на пукнатините на молкот. Денес премногу често се задоволуваме со привид на критичност и со теми за кои веќе е безбедно да се зборува. Тоа не е вистинска слобода“, оцени Гешоска.
Режисерката и професорка Зоја Бузалковска зборуваше за сопствените искуства во користењето на театарот како алатка за отворање чувствителни општествени теми – од малолетничката деликвенција до трговијата со луѓе и семејното насилство. Според неа, театарот има моќ директно да влијае врз животот на луѓето и да предизвика промени во нивното размислување.
„Театарот мора да ризикува, да оди по тесна греда и одвреме-навреме да ја остави публиката без здив. Најголемите претстави се оние што и по години не нѐ оставаат рамнодушни и продолжуваат да отвораат прашања во нас“, истакна Бузалковска.
За актерката и професорка Кристина Леловец, македонската независна сцена има потенцијал да биде двигател на промени, но неопходно е подобро поврзување и поголема видливост на независните театарски иницијативи. Таа најави иницијативи за создавање поширока платформа преку која независните театарски работници ќе можат поорганизирано да дејствуваат.
Драмскиот писател Сашо Димоски предупреди дека македонскиот институционален театар постепено го губи сопствениот идентитет поради недоволната поддршка на домашната драматургија и новите авторски гласови.
„Без македонски авторски текстови не можеме да зборуваме за вистински развој на националниот театар. Театарот мора да одговори на кризите на времето и повторно да се преосмисли себеси“, порача Димоски.
Така, четвртиот фестивалски ден на „Војдан Чернодрински“ не понуди само разговор за претставите, туку отвори и поширока дебата за улогата на театарот во време на политички, културни и општествени предизвици. Заедничкиот заклучок на учесниците беше дека театарот останува една од ретките јавни сцени каде критичката мисла може слободно да се артикулира и каде храброста не е само уметничка категорија, туку и општествена потреба.







