Национализмот не асфалтира улици и не чисти ѓубре
– Добро познати глупости од трибините пред секои избори…
Ете ги пак. Истите ликови, истите пароли. Знамиња, химни, историја по мерка, стравови за идентитетот… а дупката пред куќата сè поголема… Ѓубреto сè повеќе, Воздухот – сè потежок за дишење. Но тие, со раката на срце, ти говорат за “нашето”, за “нивното”, за “предавниците” и “патриотите”. И така, од избори до избори. Нè влечкаат по истата стара калдрма на емоции, додека вистинските улици ни остануваат неасфалтирани.
ЛУЃЕ, локални избори идат. Овие избори не се за бојата на знамето, туку за бојата на водата што тече од чешмите. Не се за споменици од минатото, туку за контејнери полни со иднина – смрдлива, расфрлана, запоставена. Се мачиме како грешни ѓаоли да решиме проблеми кои не треба ни да постојат: улица без осветлување, маалски парк со искршени клупи, училишта без тоалет хартија. А тие, од бините, ти нудат само поделби.
Проблемите ни се локални, секојдневни, приземни – ама и НАЈВАЖНИ. Ги живееме секој ден. Се гушиме во сопствениот град, и не од “надворешен непријател”, туку од немарноста и лицемерието на тие што нè замајуваат со големи приказни, за да не гледаме колку сме длабоко потонати во тињата.
Национализмот не чисти ѓубре. Ајде барем ние да се исчистиме од него.



