МАКЕДОНИЈА 2024 – ЛИДЕР ВО РЕГИОНОТ ЗА ДИСКЕТАЛИЗАЦИЈА
Да, 2024-та година е тука, одамна имаме Интернет, а веќе години наназад насекаде околу нас имаме компјутери, паметни телефони, а во последните неколку години и други електронски уреди кои се поврзани во IoT (Internet of Things) еко-системот. Сепак, забележете го ова – ИоТ е важен, но не толку колку нашите бројни проблеми со дигитализацијата. Немаме текст за ИоТ на македонски на Википедија, едноставно презафатени сме со дигитализација на многу посериозни работи, па затоа Ви даваме линк до верзијата на англиски јазик.
Ќе се потрудиме да го претставиме чудото на дигитализацијата во македонските институции. Еден од примерите е како можеме да си ги олесниме животите со процедурата за добивање на фолио за доброволно здравствено осигурување. Ова е толку едноставна процедура, што е потребно да се посвети на неа една цела колумна, за да го доловиме моментот и да Ви овозможиме читајќи, да го доживеете бенефитот на дигитализацијата во Македонските институции. Како еден од најдобрите примери, ја издвоујуваме процедурата за добивање на фолио за доброволно здравствено осигурување.
Накратко да објасниме – доколку немате друг основ за здравствено осигурување, можете да плаќате таканаречено „доброволно здравствено осигурување“. Таа процедура не е тема на денешниов текст, можеби ќе ја објасниме во друга прилика. Сега, замислуваме дека сте ја поминале таа процедура и потребно е да добиете фолио од УЈП (Управа за Јавни Приходи), кое ќе го платите во банка. УЈП ова фолио не може да го изработи за Вас, но мора да го издаде. Затоа, фолиото мора да го генерира ФЗО (Фонд за Здравствено Осигурување).
Постапката е следна:
1. Одите во ФЗО
2. Чекате ред на шалтер (омилен Македонски традиционален спорт)
3. Подавајќи документ за лична идентификација, ја замолувате службеничката да ви издаде фолио за уплата на „Доброволно Здравствено Осигурување“.
3.1 Доколку сте го погрешиле шалтерот, добивате инструкции на кој шалтер треба да го побарате тоа. Вратете се на чекор 2 (прекрасно).
4. Службеничката го проверува документот за лична идентификација, па ако сѐ е во ред (не, за жал во моментот на пишување на текстов, немаме информација дали мора да имате документ од новите, со „Северна“), го внесува вашиот ЕМБГ во системот и генерира фолио.
5. Службеничката става дискета во компјутерот и го снима фолиото. Молам? Не знаете што е тоа дискета? Ќе ви објаснам, само да завршиме со чекорите од оваа дигитализирана е-услуга.
6. Службеничката Ви ја дава дискетата и Ви дава инструкции да одите до одредена канцеларија (или шалтер) во УЈП, каде ќе Ви го испечатат фолиото.
7. Одите со дискетата во УЈП, чекате ред (или ако имате среќа, не чекате ред) и ја замолувате службеничката да Ви испечати фолио од дискетата која Ви ја дадоа во ФЗО.
8. Службеничката ја зема дискетата и се обидува да го отвори фолиото, но, често пати дискетата едноставно не е читлива. Ако е читлива, преминете на точка 9.
8.1 Ако дискетата не е читлива, службеничката Ви се извинува и Ве замолува да се вратите во ФЗО, за да ги замолите да го снимат фолиото на друга дискета, бидејќи оваа не ја чита компјутерот.
9. Ако дискетата беше читлива, го добивате фолиото и веќе можете да одите да чекате ред во банка, за да го платите. Замислете, дискетата останува во УЈП, тие ќе ја вратат во ФЗО. Ако имате апликација за електронско банкарство на вашиот паметен телефон, не посегајте по неа. Системот преферира овие фолија да бидат платени на шалтер, за да имате физичка копија од уплатата од банка, како доказ за истата.
*Дискета (флопи диск) е медиум за пренос на податоци кој за прв пат влегува во комерцијална употреба во доцните 60-ти години на минатиот век. Моделот кој ќе го добиете од ФЗО е со димензија од 3,5 инчи (околу 85 милиметри), е една од најмодерните верзии, широко популаризиран од страна на IBM во 1986-та година. SONY ја произведе последната дискета во март, 2011-та година. Повеќе информации: флопи диск / дискета (речник на Македонскиот јазик), историја на флопи дискот / дискетата (Википедија на англиски, оти нели, немаме време да го преведиме текстот, бидејќи сме зафатени со посериозни проблеми околу дигитализацијата – мораме да останеме лидери, нели?)
Сашо Спиркоски Дипл. Информатичар