„Ееееее“, „еееее – ааааа“ и „е“ – услуги
Има повеќе видови услуги за граѓаните: „Снајдувачки“, „Обични“, “e” и „еееее услуги“. Првите се многу обични: „Дојди утре“, „шо си ми поднесол?“, „да бе, немам друга работа“, „добро е – имаш се поднесено, ко че биди готово че ти јавиме“. Обични услуги обично те зафркнуваат, но откако ќе почекаш. Затоа треба да аплицираш во рок, за да имаат време да те одбијат и да ти објаснат зошто. Таквите обични услуги значи дека ќе ти го применат најнеповолното законско решение во твојот случај. Ако стои во член на законот „се враќа во сопственост“, во истиот закон има барем еден друг член, кој вели „не се враќа во сопственост“, ајде погодете што ќе ви применат од тие 2 можности, ако не им направите и вие ним „подрака услуга“ или „еееее – аааа“ услуга?
Е – услугите се брзи, но скоро и да ги нема, освен за малку битните работи, за кои порано трошевме еден час, сега трошиме 10 минути, но никој не е вратен за извод од родени, за персонален данок, данок на имот, за неосудуван или за имотен лист во катастар, за кој помалку време ќе потрошиш ако сѝ појдеш на шалтер, отколку да бараш преку „е – услуги“. Неисе! Градежна дозвола ќе добиеш на света Жаклина Пелагониска, оти ДУП – от не бил хармонизиран со ГУП – от, освен ако градиш зграда, па да „има за сите“. Ако ве лажам, жими Стевче Јакимовски. Затоа пак, сообраќајна казна се добива одма и може да ја платите или во кеш, или со е – услуга. Фала брат, шо услуга ми направи – не можам да ти заборавам. Пајак услугата сеуште не може да се добие онлајн, како е- услуга, но кога ќе ви ја дигнат колата тоа не е „еееее услуга“, туку „ахххх услуга“.
Затоа пак еееее услугите се достапни. Тоа еееее, значи многу нешта кај нас. Прво значи понирање во минатото: „Еееее, јас ко бев млад, какви услуги имашееееее“. Ееееее услугите порано беа „џам и џам зурла од видија“ (писка за зурла направена од видија, која не работи, ама пак не можеш да ја скршиш) а не ко сега. Или уште поконкретно: „Ееееее, не оди тоа така“. Повторно, ако сакаш да градиш, ќе добиеш „ееееее“, па било онлајн, било во фул контакт.
Кај снајдувачките услуги веќе функционира закажувањето за до аеродром или за до Скопје и Битола. Некој сѝ патува и одма сѝ огласува дека има место во колата, за да му излезе бензинот џабе. Тоа да не ти било е – услуга. Имаш е – услуги „купи – продај“, „кажи бе рецепт“ и други фејсбук услуги, кои не се ниту „е“, ниту „еееее“ услуги. Чудно, тие функционираат, а најмногу оние „еееее има закон и дупки во закон, пааааа“. Последните наречени „еееее – ааааа“ да тѝ били мито и корупција при услужувањето и функционира беспрекорно.
Значи, ако сериозните услуги од институциите, кои нешто значат за граѓанинот, се скоро невозможни, по марфиевите правила, невозможните е – услуги ќе станат возможни. Станаа возможни услугите за да ти ја испразнат сметката, кои ги викале „измами“, „кражба на податоци“ и сл. Возможни се и услугите кога нешто купуваш да те излажат, а наскоро ќе имало и други виртуелни „е – услуги“, поврзани со измама.
Услугата „најди мајстор“ е исто така еееее услуга: „Море мајсторе крив е ѕидот“! „Еееееее, тоа ќе го исправи молерот. Одма има „еееее оправдување“, па ти останува или да не му платиш – ако „ти стиска“, или да сѝ платиш и да бараш друг мајстор да ја исправи мајсторијата. Можеш и да им се јавиш на тие кои ти испратиле „е – мајстор“ и ти за тоа сѝ платил, но и тие ќе ти речат „еееее од кај да знам јас што сте правеле таму“?
Набргу, како што тргнала работата со ееее услугите, ќе имаме онлајн цепење дрва, е – преселување, кибер поплочување и сл. затоа што веќе нема кој да работи, па нашите млади од Хрватска, Словенија, Грција и Германија онлајн ќе можат да ги вршат овие услуги, исто како што сите други овде нешто продаваат и/или работат онлајн за „дополнителен приход“, се разбира во работно време по тоа институциите, каде не знаат што да прават со себе.
Ете уште една е – услуга: Барање смисол на живот на вработените на шалтерите и задолжени за е – услуги, кои немаат време за вас, иако се за тоа платени, но имаат време за онлајн работа. Или е тоа услугата „Старт ап бизнис за државна администрација“, со бренд „Ееееее, не се живее од плата“.