Две лица загинаа на експресниот пат Прилеп – Градско – Се поставува прашањето за безбедноста на трасата



Две лица го загубија животот во сообраќајна несреќа што се случи вчера на експресниот пат Прилеп – Градско. Според информациите од СВР Велес, патничко возило марка „Ауди“ со делчевски регистарски таблички, управувано од Ќ.С. (60), излетало од коловозот. На местото на несреќата починале возачот и неговата сопатничка С.С. (57). Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош, а по наредба на јавен обвинител телата биле дадени на обдукција.

Иако станува збор за нова патна инфраструктура, несреќата отвори прашања за реалната безбедност на експресниот пат, кој во изминатиот период беше промовиран како побезбедна и побрза врска меѓу Прилеп и Коридорот 10.

Граѓани и возачи кои редовно ја користат трасата предупредуваат на повеќе потенцијални ризици: недоволна сигнализација, неосветлени делници, недостиг од заштитни огради и несоодветно обележани кривини. Дополнително, дел од возачите ја пречекоруваат дозволената брзина.

Засега нема официјален податок од Министерството за внатрешни работи или Јавното претпријатие за државни патишта за бројот на сообраќајни инциденти на оваа делница. Сепак, медиумските извештаи укажуваат на повеќе несреќи од почетокот на годината досега.

За јавноста останува отворено прашањето, дали новиот експресен пат е доволно безбеден или само брз, но ризичен коридор?

Според објавата од страна на ЈП за државни патишта од 30 јуни, стои.

Трајановски: „Со пуштањето на експресниот пат Градско-Дреново во должина од 26 км се скратува времето на патување кон Прилеп, Битола, Ресен!“

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски во присуство на претседателот на Владата на РСМ Христијан Мицковски, министерот за транспорт Александар Николовски, гадоначалници, пратеници, соработниците и бројните гости, ја пуштија во употреба делницата Фариш-Дреново, дел од експресниот пат А1 Градско-Дреново, со што се доби целина од 26 км експресен пат на Коридорот 10д.

„Денеска чувствувам огромна радост и задоволство што стојам овде, на ова место, и ја пуштаме во употреба делницата Фариш – Дреново од експресниот пат А1, дел од коридорот 10д. Успеавме да ги надминеме наследените проблеми и за краток период да добиеме една функционална целина од 26 киломтри со што значително го скратуваме времето на патување од Градско кон Прилеп, Битола, Ресен и понатаму. На делницата Фариш – Дреново вложивме натчовечки напори да ги совладаме препреките во градежните работи, особено во стабилизацијата на опасните карпи и да ја забрзаме изведбата на работите. На само 10,2 км имаме 1 тунел со две цевки, 21 мост, 11 потпорни ѕида, 1 вијадукт, 7 АБ конструкции, бројни подпатници, цевасти пропусти и 1 кружен тек на постојниот пат со клучка Дреново. Реализирана е изведба на ободни канали, регулација на реката на неколку потези, заштита на косини, поставена е заштитна ограда, хоризонтална и вертикална сигнализација и друга патна опрема.“ – изјави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.

Проектот е со вкупна вредност од 44,74 милиони евра и е финансиран со заем од ЕБОР (Европска банка за обнова и развој). Проектант на делницата беше Простор дооо Куманово, изведувач на работите СИНОХИДРО КОРПОРЕЈШН ЛИМИТЕД Пекинг, НР КИНА, Подружница Скопје, а надзорот го вршеа ГЕИНГ и ЕВРО КОНСАЛТИНГ.

Слични Објави