Честит 3 Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп!

Денес се сеќаваме на храброста, жртвата и љубовта кон слободата на сите кои го ослободија нашиот град.
Прилеп отсекогаш бил симбол на достоинство и непокор – град кој знаел да стои исправен кога било најтешко.

Но денес, Прилеп е град кој бара ново ослободување – од негрижа, нечистотија, празни улици и заминувања.
Река што мириса на заборав, улици оставени сами на себе, мрак во кој повеќе луѓе си одат отколку што доаѓаат.
Тоа е реалноста, и нема срам во тоа да ја кажеме. Срам е да ја игнорираме.

По изборите, со нов 4-годишен совет, имаме шанса да почнеме од почеток.
И треба да запаметиме: напредок не се прави со навивање за секој метар асфалт, туку со граѓанска свест, критичко мислење, барање отчет за секој буџетски денар, и да, дишење во врат на оние што го водат градот. Не од инает, туку од љубов кон Прилеп.

Често се расфрламе со гордост за нешта направени од други пред 30, 40, 70 години.
А вистината е проста: гордоста е чувство резервирано за делата кои ние самите ги создадеме.
А колку право на гордост имаме денес? Погледнете околу – градот зборува сам.

Затоа, за почеток, доволно е да сме среќни што имаме уште една шанса.
Среќни што некој изборил место каде што ние треба да создадеме нешта за кои утре и ние ќе имаме право да бидеме горди.

Време е малку да подзакочиме со празната гордост –
и да работиме на освестување, одговорност и подобрување на состојбата.

Честит празник, прилепчани.

Слични Објави