Дуовден („Духови“) – Излевање на светиот дух
Духовден или Дуовден — еден од најголемите 12 христијански празници. Се нарекува уште и Педесетница во кој се слави слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на педесеттиот ден од Христовото воскресение (се слави 50 дена по Велигден)
Овој празник како и Велигден се празнува три дена. првиот ден од Духовден е и ден на Св. Троица.

На Духовден се внесувале билки во храмовите, од нив верниците плетеле венчиња кои ги носеле како заштита од демоните, но и како практична заштита од молците и другите штеточинки во своите куќи. Гробовите се прекривале со листови од орев, а некаде се кителе само крстовите.
На Духовден во Македонија не се спиело ноќе, на гробиштата луѓето седеле цела ноќ и раздавале храна за душата на покојните. Задолжително е носење на цреши во земјани садиња кои според верувањата со симболично давање на блиските преминуваат граница на оној свет и им служат на покојните во тој задгробен живот.
Во Јужна Србија се верува дека човек роден на Духовден,секоја година на таа ноќ во стаклото на шишето во кое има вино може да ги види мртвите и да комуницира со нив, но пред да го стори тоа мора да помине низ обредни елементи меѓу кои е и отиде до гробот без да се сретне со некого, да појде од домот и да стигне до гробот во глуво доба, да пости седум дена пред Духовден и др. Некаде пак се верувало дека детето родено на тој ден нема да има среќа во животот.

Во Скопје и Скопско домаќинките во петок пред зори месат мали благи лепчиња, кои пред да се раздени се носат на соседите и на пријателите. Тие треба да се изедат на гладно за да им се најде на тие што не се живи. Лепчињата треба да бидат меки, благи и топли како душата. Потоа попладне се посетуваат гробовите на починатите членови од семејството каде што се носат посни раздавки.
Во сабота наутро, освен продуктите за раздавање, кои се делат за да му се најде на покојникот, се носи и пченица и вино. 8 недела, пак, по полноќ, на гробишта се носат млади гранки од оревово дрво, со кои се поминува целото гробно место. Порано се носеа бардачиња и каленици од глина, кои се полнеа со јагоди и цреши. Сега тие се заменети со стаклени или керамички садови кои може да држат вода, а се даваат на најдобриот пријател на покојникот. Важно е еден од продуктите што се даваат за душа на покојникот да биде домашен, односно да е замесено лепче или пита или нешто што многу го претпочитал покојникот.

Обичаите и верувањата на битолчани за време на духовденските празнувања се раздавање храна за душа на покојните, бдеење на гробовите до пред изгрејсонце и коленичење за време на црковната служба зашто веруваат дека духовите на покојните одат на причесна. Постарите битолчани раскажуваат дека подготовките за празникот почнуваат уште пред Спасовден кога се купуваат дарови за душа на покојните. Кај луѓето во овој крај од дамнина останало верување меѓу народот дека на Спасовден излегуваат духовите, па затоа претходно се купуваат чаши, маици, крпи, шолји. Во петокот пред Духовден се опеваат покојните, а другиот ден, во саботата, на Задушница се раздаваат даровите. На гробишта се носат храна, лепче, маслинки, сирење, кашкавал, јагоди и цреши и купените предмети кои се раздаваат на блиски. Во недела на Духовден пред да изгрее сонцето уште во темнината ги мијат гробовите на покојните со гранки од маслинки и ореви. На тој начин симболично се мијат починатите роднини. Во недела се служи во црквата голема литургија, а подот во храмот е послан со лисја од ореви и маслинки.
Верниците собираат млади оревови и сливови плодови и се тепаат со нив. Процедурата се повторува три пати.
Автор – Александар Цветкоски