Шампиони со култура на пијаници пред кладилница во 3 сабајле

Достоинството, културата и класата не доаѓаат со пехар!

ФК Вардар повторно е шампион. Голема вест. Клубот што отсекогаш се претставува како спортски симбол на Македонија, миленик на државата и проект кој секогаш некако успева да преживее, благодарение на интервенции од сите можни страни, повторно стигна до титулата. После милиони вложени од институции, општини, јавни претпријатија и разноразни „спасувачи“, навистина е фасцинантно што Вардар успеал да стане шампион во лига во која најголем дел од клубовите едвај опстојуваат.

Во македонскиот фудбал одамна повеќе не постои рамноправна борба. Едни играат со државен ветер во грб, а другите преживуваат во услови што повеќе наликуваат на селски дружини. отколку на професионални спортски клубови . Затоа титулата сама по себе не значи многу. Барем не за оние што одамна сфатиле дека кај нас успехот во спортот ретко е резултат само на спортски квалитет.

Но фудбалот и титулите се најмалку важниот дел од приказната. Поважно е каков пример оставаат луѓето што денес се претставуваат како идоли на младите.

Видеото од прославата што се појави во јавноста не покажа шампионска атмосфера, туку нешто многу тажно. Наместо достоинство, култура и чувство за одговорност, се виде простотилак, вулгарност и однесување кое повеќе прилега на група трибински хулигани отколку на фудбалери што треба да претставуваат клуб со толкава традиција.

Во случај некој да сака да каже: Беше приватна забав: Во моментот кога некој сам ќе го сними своето однесување и сам ќе го објави на социјалните мрежи, тоа престанува да биде приватно. Тоа станува јавна порака. А таа порака ја гледаат деца.

Ја гледаат момчиња кои утре ќе сакаат да го носат дресот на Вардар. Ја гледаат млади луѓе кои тие фудбалери ги сметаат за пример. И наместо да видат спортски дух, достоинствено славење и чувство за одговорност, гледаат однесување исполнето со навреди, примитивизам и евтин триумфализам.

Особено поразително е што во целата атмосфера учествува и тренерот, кој е и селектор на репрезентацијата на Македонија. Човек што треба да претставува авторитет, пример и фигура која со своето присуство треба да внесе барем малку достоинство. Наместо тоа, се гледа како со задоволство учествува во атмосферата на вулгарност и деградација. Без никаква причина, без никаква провокација, се спомнува и наша пејачка, само за да се покаже колку лесно успехот кај нас преминува во ароганција и омаловажување.

Тука всушност лежи најголемиот проблем на македонскиот спорт. Не во недостатокот на пари, ниту во слабата лига, туку во отсуството на елементарна култура и свест за одговорноста што ја носи јавната улога. Со години се создава атмосфера во која е важно само да се победува, а сè друго се простува. Однесувањето, говорот, пораките што се испраќаат во јавноста, сето тоа станува небитно ако на крајот се крене пехар.

А токму поради тоа спортот кај нас сè помалку личи на спорт, а сè повеќе на натпревар во примитивизам. Наместо да создава вредности, тој станува простор во кој најгласни се ароганцијата, навредите и простотилакот.

Од сите милиони вложени во Вардар, можеби дел требаше да се одвои за нешто што очигледно најмногу недостига, а тоа е воспитувањето. Затоа што титули можат да се купат или да се изборат. Но достоинството, културата и класата не доаѓаат со пехар.

Милан Секулоски

Слични Објави