Иванден, натпревар за најубаво кравајче
Раѓање на Св. Јован Крстител се празнува на Иванден, но тука се неколку поврзани црковни празници, како што се Отсекување на главата на Свети Јован Крстител и Соборот на Свети Јован Крстител.
Денес се празнува почетокот на благовеста за Христос, со што се определува и посебната врска меѓу Синот Божји и последниот пророк на Стариот завет. За тоа зборуваат стиховите од тропарот, кои гласат: се разреши немоста на татковците, т.е. почна непосредната проповед за Христовото доаѓање.
Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учеење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“.
Спрема словенскта митологија, на Иванден се случува зенитот на „Долгодневницата“. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божик, денот поврзан со зимската солстиција, односно со периодот на краткодневицата. Овие два празници ги поврзуваат и повеќе обичаи и верувања поврзани пред сè со сонцето. Во таа насока се и обичаите и верувањата поврзани со огновите и ритуалите со растенијата.
Најпознат обичај на Прославата на Иванден е Тајане – Бојане.
Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат. Имено вечерта спроти празникот се берe папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска (заштита од демони и болести) моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.
Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иванденденско, кое што го ставаат на ковчезите со алиштата за да ги чува од молци. И во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека тој ден во Воден, треви лековити „висеет на дуќаните за да имает повеќе купувачи”. За вакво вадење од ковчезите на најубавите облеки пишува и Кузман Шапкарев кој напоменува дека надвор ги чуваат до заоѓањето на сонцето за да не ги јадат молци.
Вечерта спроти Иванден групи момчиња и девојки собирале билки, со кои закитувале едно ѓумче и го полнеле со вода од три чешми. Едно го носело ѓумчето на главата и него го викале Тајане, а другите оделе околу него и му пееле пригодни песни. Утрото групата со Тајането одела по дуќаните, каде што исто така пееле песни и собирале дарови, од кои подоцна правеле заедничка вечера.
Во Радовишко за Иванден односно Јајновден жените одат во полето или по ридиштата и берат миризлива трева (повечерница) за од молци. На самиот ден пред сонце берат нане – мирудија, која ја врзуваат во вид на букети и ја оставаат да се суши. Исушена, во секоја прилика ја употребуваат како лек против повраќање и стомачни болести. Мирудијата набрана на Иванден се употребува и како лек против детски проливи на тој начин што ја иситнуваат меѓу рацете и ја стават на препечена кора од леб напрскана со оцет.
Обичај е секоја домаќинка кога ќе излезе сонцето да ја вади целата волнена постела и облека надвор, во дворот на јажиња спроти сонце. Така ги остават да стојат по неколку часа, а потоа ги тресат и повторно ги прибираат во ковчезите. Помеѓу алиштата стават од набраната трева (повечернина) за од молци. Веруваат дека алиштата „што ги фанало јајновденско сонце не ги напаѓаат молците“. „Ветреењето на алиштата“ го имало и во прилепско.
Има верување дека на овој ден „сонцето се превртува до три пати“ или дека “сонцето игра“.
На Иванден, во северниот дел на Македонија се налева вода во стомна или во ѓум (најчесто се бара да е бакарен, кој го нарекуваат „златен“), а потоа ѓумот се облекува во женска облека, го китат со накит и цвеќе кој (понекаде) го нарекуваат „Иванка“, која потоа се растура од учесниците во обредот. Стомната или ѓумот го полнат со вода и со цвеќиња. Понекаде се бара водата да биде земена од 3 чешми, а полнат исклучиво млади девојчиња. Оваа вода и цвеќе се сметаат за лековити, а ако стават од цвеќето под перница и преспијат, деволчињата можат да го сонуваат идниот сопруг.
Овој ден (барем во минатото) се сметал за ден на женските поворки, а во прилепско – битолско имаме мешана поворка од млади машки и девојчиња, која се нарекува „Тајане – Бојане“. Последните педесетина години, дома се месат кравајчиња, со растопливи шеќерчиња во боја, кои се делат на децата, но се почестуваат и другите. Голема тајна било да се направат такви кравајчиња, кои би биле меки како душа, а не „тврди – ќутук“, а рецептите се наследувале во семејството.
По постари извори, дечињата наутро земале тепсија, на која ставале ѓумче со вода и садови за собирање шеќер и брашно, па оделе по куќи, да пеат иванденски песни, да блосоат, а за возврат добивале паричка, која ја фрлале во ѓумчето и „зајре“, кое го ставале во садчињата. На крај, кога имаат доволно за кравајчињата, со парите купуваат шарени бомбони, а „Тајането“ се меси и пече во некоја фурна во градот.
Има неколку вариетети за овие адети (зависно од каде дошле Прилепчани), а кај старите градски фамилии, кравајчињата секогаш се меселе подома, од свој „зарзават“.
Во Прилепско е позната оваа песна за Иванден:
Тајане, Бојане, имам брат Свети Јоване,
ункеши, ункеши, ункеши по маглата.
По магла, по магла, по магла ситна роса,
по роса, по роса, по роса мома боса.
Играле момите крај манастирот,
калуѓер гледа од пенџериња,
фрли си шапка на герамиди,
од герамиди на трендафилот,
белата брада на берберница
црната брада на касапница.
Овој обичај спаѓа во „летни празници“ од словенската митологија, која има јасни трагови на богот Перун (папратот и магијата против громови се симбол на Перун), но и на култот на водите и растенијата. Дарувањето на брашното е остаток од прастариот „житен демон“, а боливачот и папратот се култни растенија.
НУ Завод и Музеј Прилеп
одделение за социјална и духовна култура
кустос – советник Александар Цветкоски
Фото – Мои рецепти