Која е одговорноста на наставникот во борбата со меѓуврсничкото насилство?

Меѓуврсничкото насилство е намерно дејствување на еден ученик со цел да се повреди и да се деградира личноста на другите соученици. Тоа е физичко, вербално и емоционално намерено насилство кон другите и е еден од главните проблеми со кои се соочуваат училиштата.  Стереотипите во една култура, подложноста на оговарање, тешката финансиска состојба, нехармоничните меѓучовечки односи во семејството се едни од причините кои го предизвикуваат булингот. Често децата кои се чувствуваат бесмошни дома се физички и вербално насилни врз своите врсници, со цел да добијат чувство на моќ. Како наставникот може да направи чекор кон подигање на самосвесноста кај ученикот со цел да го спречи ширењето на меѓуврсничкото насилство? Која е самата улога на наставникот во училиштето кон разрешување на овој проблем? Имено, навредите и исмевањето се однесувања кои предизвикуваат понижување на детето и водат кон емоционална потиштеност и  очај. Децата кои се исмевани се најчесто категоризирани од своите соученици „насилници“ како деца со ниска самодоверба, деца на кои им недостасува асертивност и деца кои се срамежливи и интровертни. Насилството влијае врз градењето на пријателство на детето, стекнување на доверба во луѓето кои го опкружуваат, стекнување на самодоверба, препознавање на своите емоции и канализирање на истите. Резултира уште и со страв од неприфатеност и отфрленост од другите. Децата кои се жртви на меѓуврсничко насилство имаат проблеми и со адаптирањето во училишната средина, ја чувствуваат како неподобно место и се спречени да ги извршуваат своите училишни обврски.  

Што предизвикува насилството ? Срам. Срамот и чувството на отфрленост го спречуваат здравиот развој на детето. Срамот предизвикан од исмевање на физичкиот изглед, оговарањето, односно ширењето на лажни информации не само што го спречуваат развојот на самосвесноста за себеси, туку можат и да предизвикаат последици како што се депресија и анксиозност. Училиштето треба да е место каде што детето би се чувствувало сигурно и би ја развивало својата автономија, а развојот на автономијата на детето е задача на наставникот.  

Наставникот треба да идентификува дали во однесувањето на детето се забележуваат одредени промени. Детето може да стане повлечено, да не извршува училишни задачи и да биде немотивирано. Исплашеноста да оди на училиште и модринките кои не знае како ги добило можат да се индикатори дека детето е „жртва“ на меѓуврсничко насилство. Потребно е наставникот да работи на развој на емоционалната интелигенција кај децата. Индивидуалната работа на наставникот преку разговор за емоциите на детето би помогнала детето да ги препознава своите емоции и да може да ги контролира, исто да ги препознава емоциите на другите и да развива сочувство и почит кон туѓите емоции.

Еден негативен ефект од булингот е тоа што детето несвесно може да интернализира дека го заслужувата таквото однесување од другите и затоа молчи. Потребно е гласно да се говори за булингот. Наставникот треба да биде тука за своите ученици и да разговара отворено за тоа низ што поминуваат децата додека се во школо. Една од методите која би можела да се примени е да се побара од учениците да водат дневник, каде што би ги споделиле своите искуства на училиште. Понатаму,може да се применат безброј игри со дискусии . Една од нив е дискусија за приказни кои наставникот ги презентира за тоа што значи да си љубезен, а што значи да си агресивен вербално и физички. По завршувањето на приказната наставникот ги прашува децата како би се чувствувале доколку тие би биле жртва на булингот.  Преку ова би се  помогнало децата да се стават во туѓа кожа, да почувствуваат емпатија  и да развиват пријателство.

Булингот е проблем кој се појавува наврапито, ги дезориентира општествените двигатели на здрав развој на детето  и ги изместува границите на една култура. Навредите, исмевањето се однесувања кои предизвикуваат понижување на детето и водат кон емоционална потиштеност и  очај. Се на сѐ, битно е наставникот да води индивидуален  разговор  со секој свој ученик за неговите/ нејзините искуства во училиштето, за непријатностите со кои ученикот се соочува, за убавите и лошите денови кои ученикот ги поминува. Наставникот е важно  да охрабрува и да го признава напорот што учениците го вложуваат во училиштето при извршување на своите обврски. Да се труди да ја поттикнува свесноста на учениците за своите емоции и да охрабрува саморефлексија со што би се развивала нивната емоционална интелигенција. Наставникот треба да зборува за булингот со цел да помогне и да ги заштити своите ученици и да влијае врз спречувањето на булингот.

Марија Кулеска – професор

Слични Објави