Од денеска се вози по експресниот пат Градско-Дреново

Денес официјално беше пуштена во употреба делницата Градско – Дреново, која е дел од патниот правец Градско – Фариш. Новата делница, долга 15,5 километри, ќе го олесни патувањето кон Прилеп и Битола, поврзувајќи го овој дел од Македонија со главниот град. Проектирањето на патот започна уште во 2012 година, но поради повремени прекини во изведбата, проектот беше завршен дури сега.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, изјави дека вкупната вредност на овој проект изнесува 37,5 милиони евра.

„Од вкупниот износ, 71,5% или околу 26,7 милиони евра се обезбедени преку ИПА фондовите, додека останатите 28,5%, во вредност од 10,6 милиони евра, се кофинансирани од националниот буџет на Македонија“, истакна Трајановски.

Дополнително, од денеска е пуштен во употреба и еден километар од делот Дреново – Фариш. Директорот на „Државни патишта“, Коце Трајановски, кажа дека останатите девет километри од оваа делница ќе бидат пуштени во употреба за неколку месеци.

Експресниот пат еден од клучните делови во пошироки рамки или „транс-европската транспортна мрежа“, истиот е дел од Коридорот 10 и ја зацврстува стратешката позиција на Македонија. Ова го порача евроамбасадорот Михалис Рокас.

Слични Објави