|

(видео) „Слики што раскажуваат вистински и искрени приказни“ – изложба посветена на фотографот Богоја Бојчески во Кривогаштани

Во Мултимедијалниот центар во Кривогаштани е отворена изложбата „Слики што раскажуваат вистински и искрени приказни“, посветена на фотографското творештво на Богоја Бојчески, еден од најпознатите хроничари на животот во Кривогаштани и регионот.

Изложбата претставува врска меѓу минатото, сегашноста и иднината и опфаќа фотографии создадени во текот на повеќе децении. Градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски, ја нарече изложбата „огледало на колективната меморија на Кривогаштани и кривогаштанци“.

Познатиот македонски фотограф Александар Кондев истакна дека фотографиите на Бојчески претставуваат „чиста природност“ и имаат непроценлива вредност за македонскиот национален идентитет и фотографската уметност.

По повод празникот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, Општина Кривогаштани доби како подарок дел од архивската оставнина на Богоја Бојчески (1951–2020), фотограф кој со децении го бележел секојдневието, манифестациите и животот во Кривогаштани и околните села.

По повод 75 години од неговото раѓање е формирано здружението „Фото Архив Кривогаштани“, кое го носи неговото име и веќе работи на дигитализација и афирмација на богатата фотографска архива што ја оставил зад себе.

„Кривогаштанци не смеат да дозволат нашето минато да умре двапати – еднаш физички и вторпат преку заборавот“, беше пораката упатена од организаторите на изложбата.

Во рамки на настанот беше претставен и портрет на Богоја Бојчески, изработен од уметницата Светлана Грозданоска од Кривогаштани, во чест на 75-годишнината од неговото раѓање.

Изложбата ќе биде отворена до 3 јуни и може да се посети секој ден од 10 до 12 часот.

Слични Објави