Богојавление (Водици) – Народни Верувања, Обичаи и Симболика во Македонија
Се празнува на 6 – ти Јануари (Јулијански календар) или на 19 – ти по Грегоријанскиот. Кај народот е познат како Богојавление, Водици или Водокрст. Со него завршува периодот на некрстени денови.
Водици се празнува два дена. Првиот ден се вика и „Војордање“ и „Машки Водици“, а вториот ден „Собир на Свети Јован Крстител“, или уште „Женски Водици“.
Водици е „многу силен празник“, со изразени верски чувства и силна радост.
Посебно место во богојавленскиот култ зазема водата која е и посебен култен елемент и извор на верувања. По старите верувања, злите демони живеат во земјата или во водата, па еднаш годишно водата треба да се прочисти од нив. На тој ден се светела вода и во изворите, реките и потоците. Во водата секогаш фрлале босилек за да ја осветат.
Рано наутро, на Водици, сите се мијат на бунарите, чешмите или на река со пресна вода, зашто , веруваат дека миењето со синоќешна вода – значи болест. Притоа, „треба да донесеш од дома од сите жита по малку и да ги фрлиш во водата и да речеш “Дај Боже бериќет оваа година, како вода да извира и ич да не сврши“. Истиот ден „се оди“ во полето и со водата се попрскуваат лозја, бавчи, „за да не паѓаат лисјата и плодовите по нивите“.
Во многу краишта на Македонија на Водици се формираат посебни групи различно наречени. Некаде се познати како „дружини“, „компании“, „кумства“ или „братства“, кои се поврзани на посебен начин и се оденесуваат едни со други како роднини. Тие се обраќале со побратиме, светијоване и сл. Секоја таква група си имала свој кум кого го викале Свети Јован или богојавленски кум и го чувал крстот цела година.
Постои општо мислење дека во очи на празникот „се отвара целото небо“ и на него се појавува самиот Бог во вистинската големина. Тоа се случувало „точно во глувото доба“ и токму во тој момент дури и ветерот престанува да дува, а сите води се запирале и се претворале во вино, а водениците престанувале со мелењето на житото. Сè замира и како да постоела само нема тишина. Се верувало дека само тогаш – во тој момент, Бог ги исполнувал сите желби. Затоа луѓето будно ја преседувале ноќта, чекајќи го Господовото појавување и барале од него исполнување на своите желби, но само на една затоа што „Бог ги почитува само скромните луѓе“.
Сите крстови се ставаат во голем котел полн со светена вода, а кумовите ги пречекуваат децата, кои носат тенџерчиња (понекаде ги нарекуваат „маштрапи“), во кои кумовите им тураат светена вода (ајазмо) да се напијат „на гладно срце“ и да однесат во домовите. Кога децата ќе донесат дома од ајазмото, сите пијат за здравје потоа попрскуваат низ куќата, а останатата вода се чува пред иконата, за да ја чува куќата од несреќи.
Одредени обичаи од други земји и во Словенскиот и во Германскиот ареал укажуваат на обичаи поврзани со „Богојавленскиот колач“ и „изборот на смешен крал“ или „крал на денот“, со кој се избира среќникот за оваа година (таму наместо паре, ставаат житн зрнце).
Порано,подготовките за Водици започнувале уште на Василица, со замесување обредни лебови. Водата може да се „крсти“не само со босилек, туку и со дренови гранчиња, кои се ставаат во неначнатата вода.
Вториот ден на Женски Водици се одвивал обред во кој учествуваат само жените, кои попладнето оделе „на коледица“ и тоа само по куќите кои припаѓале на братството. Тие облекувале една девојка во невестинска облека и таа одела на чело на водичарките.
Обредните активности кои се одвиваат во црквата завршувале во куќата на кумот, кога тој „го одрвзува“ крстот и му го предава на новиот кум, а со тоа и кумството. На низата со пари, која е секогаш околу крстот секоја година додавале уште една пара.
Софра секогаш била посна, иако на овој ден „се мрси“. На софрата главниот кум го носи котлето со светена вода и ја пресекува погачата, ја попрскува со вино, а потоа и сите простории на куќата ги попрскува со светена вода. Еден од кумовите фрлал сол во оганот, го распретувал и благословувал „да се сили куќата, да е весела, да се раѓаат машки деца, женски телиња и јариња…“
На Водици се верува дека времето треба да е студено, инаку преку целата година ќе владеат разни болести, многу луѓе ќе изумрат, бидејќи кога има мраз и е студено – болестите не можат да владеат. Ако на тој ден врне снег, веруваат дека годината ќе биде бериќетлија.
Неретко, а понекаде секогаш, на Водици имало и коцкање, затоа што тоа „тој ден било дозволено“ и играле барбут, карти или „белешка“.
Водичарските песни, според начинот на кој се исполнуваат и според самата содржина потсетуваат многу на лазарските песни, а мотивите се поврзани со женските словенски божици на судбината, иако се споменува Св. Јован, кој воопшто нема атрибути – какви што се оние при одвивањето на обредите.
И други елементи на обредите покажуваат на сурвивали на женски хтонски божици, поврзани со судбината, која ја замислувале како нишка преѓа (конец). Така, во село Битуше постои обичај кој се нарекува „сучење врвци“ (со нив се врзува крстот и босилекот, како и низата пари, кои се за него закачени) од бела и црвена волна, а го изведуваат свечено облечени жени, ноќно време, во присуство на сите гости, а тие се поткачени на столици (значи, тие се приказ на Божици или „посебни суштества“), додека сучат конец. Тоа јасно покажува присуство на Бог (епифанија), а тоа се божиците на судбината.
Интересен обичај е и „одењето по костење“, во домовите на новите кумови, каде се носат таблите „за кревање кумство“. Новиот кум дели костени – колку што има членови семејството и „по еден за Госпо и куќата“.
По Христијанска митологија, ова е денот на кој св. Јован Крстител го крстил Исус во реката Јордан. Се смета дека на тој ден сите води се крстени.
По црковните објаснувања, овој празник започнал да се слави уште во III век и тоа особено во Египет. Првото сведоштво за него го наоѓаме кај св. Климент Александриски (215 г.), во неговото дело „Стромата“, каде што вели дека следбениците на гностичкиот еретик Василид, уште пред православните, започнал да го слави овој празник. До почетокот на IV век Богојавлението веќе се славело насекаде.
Како куриозитет да кажеме дека гностицизмот бил силно застапен и на Балканот, а еден од најпознатите прилепчани во целиот свет е Григорие Акиндин од денешен Варош, за кој се мисли дека е еден од најпознатите гностици, заедно со исихастот Бернард Варлаам и рационалистот Григориј Палама. Веројатно дел од таквото гностичко учење, по кое Исус Христос бил само човек, додека не се крстил, постои во народните верзии на светците, кои се забележани од нашите просветители од 19 и почеток на 20 век.
И по народно – христијанските обичаи постои широка обредност, која ја надминувала црковната доктрина и обичаи. Така, рано наутро на прв ден Водици цело село одело во селската црква, каде има црковната служба, а потоа ги земаат иконите, бајраците и крстовите и одат по строго определена рута на литија, наречена „Покрсти“. Најнапред оди свештеникот со бакарно котле со светена вода, во која се ставени крстот и босилекот и попатно ги осветува сите води и чешми, до местото каде што се фрла крстот (езеро, река, ископан јаз и сл). Крстот потоа се враќа во црквата, а обредот продолжува кај новиот кум, каде одат девојките од поворката на „кревање кумство“, за потоа сите да одат кај црквата „По крстот“, со табли со лебови и дренови гранчиња.
Свештеникот на сите присутни во црквата им дели кончиња со сучената врвка со верување дека ќе им се одврзе среќата ако им е заврзана (заплеткана).
Современ изглед на Водици
Овој обичај, постепено, но сигурно се префрлил и во сите градови. Скоро во сите места во Македонија свештеникот во некаков базен или река фрла крст во водата, и по него се фрлале (секогаш непарен број) верниците и оној кој ќе успеел да го извади крстот, освен што е наградуван, се верувало дека ќе го следи („прати“) посебна среќа таа година.
Обично, во градовите јавното светење на водата се одвивало во центарот на градот. Во денешно време, фрлањето на крстот се одвива во некој од градските базени, бидејќи бројот на оние што се фрлаат по него станува се поголем. Осветувањето секогаш го прави свештеник, а потоа осветената вода се делела на народот. Богојавленската вода преставува голем симбол за секого. Во неа се капеле, а ги миеле и самите икони. Постои мислење дека богојавленската вода никогаш не се расипува. Со неа се напрскувале и куќите и нивите за да бидат облеани со среќа. Таа се користела и како лек. Најчесто се користела за против очни, ушни, или забни болести и „ако некој ја загубил паметта“. Ја користеле и бремените жени, со верување дека пороѓајот ќе им биде многу полесен ако се напијат од богојавленската вода.
Овој обичај бил славен и кај Муслиманите во Македонија, затоа што „се чини“ или „добро е“ да се прават старите обичаи, кои немаат врска со Христијанството, ниту со Исламот, туку имаат повеќе аграрно – магиски карактер, при што најзастапено било ставањето на слама во водата, за да се освети, која ја расфрлувале низ нивите. За верувањата во амгиското дејство на водата говори и фактот дека во многу места со оваа вода се попрскуваат и штали, домашни животни, па дури и куќата, шталите, свињарниците и сл.
Постојат и обредни дејствија на Водици, кои не е лесно да се објаснат, како што е „будење на Богот – домаќин“, за што говорат и неколку водичарски песни и обреди, потоа на „откривање на гробови на светци и предци“, со сличен мотив и на „повредени табуа“ (на шпример за везење и плетење во овие дни), иако се личностите христијанизирани (Света Петка, Света Недела), јасно се гледа дека се работи за атрибути на други божества. Ако се знае дека и во словенскиот пантеон постои поим за „отсутен бог“ (Deos otiosus), каков што е во Христијанството Отецот – Бог или Алах во Исламот, именуван како Сварог, кој е во вечен сон, иако делува на сите богови, кои му се подредени и на нивните постапки, се демистифицираат обредните дејствија и народните песни, кои се секогаш синкретски, што значи дека содржат остатоци од многу периоди и одразуваат различни влијанија од минатото.
Денес Водици е поврзан со Христијанската обредност и верување и слабо кој би имал дилеми околу христијанскиот карактер на овој празник, посебно заради тоа што црквата „добро сѝ ја работи работата“, а денес процентот на верници, за кои ритуалот и верското поведение е еднакво на вера – е мошне висок.
НУ. Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп
Одделение за социјална и духовна култура
Александар Цветкоски
Кустос – советник