| |

Коледе – обичај за „надвор од куќи“

Во минатото на Коледе се одвивале многу празнувања, панаѓури и други групни ритуали, па и кај нас е прифатено дека Коледе е празник „за надвор од куќи“.

Најавата на Христовото раѓање се одбележува во цел свет, еден до два денови пред Божик, односно на „Коледе“ и „Бадник“, иако сите традиционални дејствија се со чисто пагански карактер. Коледето, Бадникот и Божикот се еден – единствен ритуал и не можат да се одделат, затоа што би се загубила пораката, која ја дава традицијата.

Поимот „коледе“ се користи во Стариот Рим да се означи првиот ден од новата година (Calendae Januaris).

Во стара Грција „калео“ значело „објавувам“ или „повикувам“. 

Сите Словенски народи го имаат овој поим во форма „коледа“, „коледица“, „колјада“, „колјатка“, „коленда“. 

Како што запишал Кузман Шапкарев, таа ноќ домашните не заспиваат туку преноќуваат будни. Рано изутрина, пред изгрејсонце, деца одат од куќа до куќа („ги полазуваат кучите“), пеат коледарски песни и им посакуваат на домаќините среќа, бериќет и здравје, а домаќините ги даруваат со ореви, колачиња, јаболка, пари, бонбони и сл.

Во основа на предхристијанските верувања околу Коледете стои верувања дека врховниот бог, во лик на чобанин ги посетува домовите на пастирите. Неговиот териоморфен облик е волкот и кучето (поистоветување), но, со време, оригиналните мотиви се губат и останува само обредот, што е и кај нас случај.

Коледето му припаѓа на скитско – сарматската традиција, воспостановен во времето на матријархалното родовско општество, каде женидбените врски оделе по две брачни класи, а сродството се одредува спрема блискоста со главниот женски предок (Кавказ). За ова говорат и “коледарските гробови”, кои се најконцентрирани на Кавказ, но и кај нас ги има на десетици.

Некои коледарски групи, ако се сретнат по пат,  се тепале до смрт и постојат коледарски гробишта, затоа што е забрането тие да се закопаат на редовни гробишта, па ги закопувале каде што загинале.

Коледарите, порано, три дена пред коледе изведувале магиски ритуали за плодност, род, благосостојба. Во поворката постои главен коледар, без задржано име за него. Некои коледарски поворки биле маскирани и (барем во селските средини) пееле безобразни („мрсни“) песни, како што на многу места во Македонија и ден – денес се пеат и за коледе и за василица.

Култни елементи на Коледето се: Коледари (маскирани поворки, обредни групи, коледарчиња, коледари, женски коледари), магиско опкружување на селата, обредните лебови, огновите и нивно прескокнување, ритуално пиење алкохол, полазување, коледачки и дабови и други гранки и дрва, коледарски песни, посна (мртовечка) трпеза.

На коледарите секоја куќа морала да им отвори, без разлика колку и да е сиромашна. Тие во своето блосоење го најавуваат Божиќ, Божик, Госпо, Ѓерман…, но во постарите варијанти не мора да ја има оваа најава.

Во некои места коледарите се маскирани, а некаде не. Во секој случај, коледарите треба да бидат мажи и да имаат драмски елементи во настапот. Тие блосоат за род, здравје, берикет, среќа, напредок, радост… Има случаи на изразување желби за оваа година од домаќинот (како порачки на желби до коледарите). Во северна Македонија на коледе се одело најпрво  кај кумовите.

Обредните лебови се наречени различно: поскура, турте, мазник, пугача, погача, бакрданик, леб, кравајче, кравај, зелник, зељаник, копишмиде, питулици, постојат и специјални коледарски колачиња , а во некои други земји на Балканот, на колачот имаме богати претстави на стока, крстови, куќи и сл.

Поентата на колачот е да се “активира” житниот демон, кој се содржи во последниот клас – ожнеан од нивата. Самата пченица е „панспермија“ и има улога да помогне во плодењето. Житниот демон е персонифициран во волк, понекаде во пес. Секој кој ќе касне од тие лебови, треба да биде “контаминиран” со духот на житниот демон (плодност). Понекаде, од обредниот леб се закопува на нива, на лозје и сл.

Поворките од коледари, заедно со населението вршеле и „магиско опкружување“ на селото (литија).

Огновите и нивното прескокнување е поврзан со верувањата во сонцето и боговите на сонцето. Коледарскиот огин се палел во доцните часови на 5 јануари. Таму секогаш се собирале само мажи. За коледарскиот огин, децата собирале дрва и „жбуње“ (грмушки) од околните шуми, а најчесто, секој носел онолку смрекови гранчиња – колку што деца имало во куќата. Се внимавало смрековите гранчиња да бидат што поголеми и пошарости, за и децата да растат големи и да бидат богати. Коледе се нарекува и „дупката“, која се копа за да се запали огин  во неа (“Копано коледе”).

Огновите служат за исчистување на гревовите и да му „помогне на сонцето“ да стане посилно.

Дабовите и други гранчиња го персонифицираат богот Перун и Лесник, но и Волос, кој ги испраќа душите на мртвите на 12 дена, „да се видат со живите роднини“ и да помогнат во плодноста. Словенскиот пантеон е замислен како огромно дабово дрво, во чиј корен е рајот, каде одат мртвите, кои ги чуваат стадата на Велес. Со дабови гранчиња коледатите ги подудираат домаќините и мавтаат со него низ куќи (за плодност). Понекаде коледарите носат гранки од некои “здрави” дрвја. Гранчињата, односно „коледето“, се носи дома, а пак огинот го палат со „крадени дрва“ или подарени дрва од соседството, заради верувањата дека „твојот напредок оди со комшиската несреќа“. На тој начин се покажува ритуалната борба на племињата и семејствата од минатото (макар што и сега не е поинаку), кои можат да сѝ наштетат преку магиски дејствија, „преземање на млекото од стоката“, пренасочување на кртовите да копаат во комшиски ниви, болестите да одат кај комшиите, а не во нивното семејство и сл. Ова е остаток (сурвивал) од време кога селата биле племенски, со маала составеени од родови. Иако е ова, по вид, аграрна магија, консеквенците за магиската антисоседска активност е јасна. Дури и денес во Македонија жените (посебно постарите) ги метат дворовите, за некој да не им „фрлил магија“ во дворот, преку ноќта.

Мртовечките јадења се поврзани со култот на предците, ова е „задушница за мртвите“ и тие мораат да бидат посни, затоа што овие празници – до Божик, „паѓаат“ во пости (во Стара Грција „Нестеата“ – постот секогаш бил присутен во ова време од годината, пред големите празници).

                Постои машко, женско и детско Коледе (групи и различна обредност), сега веќе останува само машкото коледе (огнови) и детското коледе, но веќе 25 години мошне е популарно организираното славење, со избор на „кум на Коледето“, што во минатото не се среќавало никаде во Македонија.

Коледарчињата влегувале во секоја куќа со песна, освен во куќите каде има жалост.

Ниедно од коледарчињата не смеело да се приврати во истата куќа по втор пат, за „да не му се враќала работата“. 

Секое семејство оставало пред куќата по две-три суровици за коледарскиот оган, а коледарчињата настојувале и по нешто да украдат, оти „се чини така“. На некои му корнеле дрвја и од оградата. Освен дрва, сите земале и ржање (сноп и жито) од одредени луѓе за палење на огнот. Обично краделе од луѓето кои не му давале ништо за коледарскиот оган.   Некогаш се случувало на некој да му украдат и алишта. Луѓето во нив гледале носители на среќа и бериќет во сите домови. 

Во Мариово, Скопско, и во Гевгелиско, домаќинката вадела жар од огнот во дворот, а коледарчињата удирале со коледачките по жарта, за да бидат весели, бидејќи според народното верување нема ништо повесело од жарот.

НУ. Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп
Одделение за социјална и духовна култура
Александар Цветкоски
Кустос – советник

Слични Објави