Ако не те сака никој, ќе те сака УЈП
Данок на слобода: Владата удри по најголемата закана – сингл луѓето
Пишува: Неженет со дете
Нашата мудра и прогресивна влада излезе со нова стратегија за борба против демографската криза.
Ама не било каква стратегија, туку чисто злато од социјалниот инженеринг:
ќе воведуваат данок за луѓето кои не се во брак.
Ако си сам – без обврски, без караници за тоалетот, без свекрва – државата вели:
„Доста беше слобода, време е да плаќаш за тоа!“
Бракот како фискална обврска
Владата смета дека брачната заедница е како ДДВ систем – повеќе луѓе, поголем прилив.
Затоа, наместо да поттикнат живот со достоинство, воведуваат економска казна за емотивна самостојност.
„Мама, тато, бато, дада… и УЈП!“
Премиерот најави нова читанка – со проширено семејство.
Традиционалниот модел „мама, тато и јас“ е премногу скромен.
Сега децата ќе учат дека во нивниот дом треба да има и инспектор од УЈП и даночен советник.
Крајот на романтиката, почеток на бирократијата
Љубовта отсега се мери со табели: романтичен викенд? Одбивен трошок.
Годишнина? Пријава во систем.
Меден месец? Со фискална сметка.
А што со оние што не сакаат да се женат/мажат?
Нема проблем. Владата нуди две опции:
- Жени се!
- Плаќај данок, сингл-терористу!
И додека премиерот зборува за читанки и благословено мајчинство, илјадници млади пакуваат куфери и бегаат…
не затоа што немаат љубов, туку затоа што државата ја загушува секоја шанса за нормален живот.
Текстот е дело на имагинацијата на авторот