Жртви на системот? Не, соучесници во сопственото понижување
Пишува: Милан Секулоски
Доста со кукање. Доста со плачките дека сме жртви на „системот“. Вистината е многу полоша – не сме жртви, туку сме доброволни робови. Клечиме, ползиме, молчиме… и потоа се чудиме што ни се мочаат на глава.
Системот не нè пороби нас. Ние му се поклонивме нему. Го изградивме камен по камен, гомно по гомно, со секое сервилно гласање, со секое срамно премолчување, со секое „наш е, не го чепкај“. Ни ги продаваат социјалните права за партиски поени, ни го кршат достоинството во замена за три месеци договор – и што правиме? Ќутиме. Се криеме зад тастатура, зад палец на Фејсбук, зад кафанска патетика.
Секоја партија што дошла на власт ја претворивме во секта. Секој лидер што сме го избрале – го обожаваме како месија, додека краде, мести тендери, мести вработувања и нè прави будали в лице. А ние? Наместо да го плукаме, ние му аплаудираме. Му викаме „браво“ додека ни ја сечат иднината на парчиња.
Ние сме племе што сака да е врзано на синџир и секој што ќе го скине синџирот – го плукаме. Му велиме „што се правиш паметен?“, „ќе ти најдат работа?“. Епа да, вака никој не ни треба да од надвор – сами сме си доволни за да си го упропастиме животот.
Партиите не се мафија. Мафија сме сите ние – организирана маса на мали кукавици. Што сакаат партијата да им најде работа, да им среди прием, да им пушти струја, да им закрпи дупка. А кога ќе дојде време да се крене глас – „немој, брат, ќе ми го тргнат детето од работа“.
Ние сме главниот столб на овој распаднат систем. Секоја пукнатина е замачкана со нашето лицемерие и лошотилак. Секој криминал е подмачкан со нашето премолчено одобрување. А потоа глумиме шокирани кога ќе слушнеме дека некој зел милион од државата. Па што очекувавме – кога гласачкото ливче ни е замена за кичма?
Ќе престанеме да бидеме „жртви на системот“ тогаш кога ќе престанеме да бидеме говеда водени од партиски пастири. Кога ќе почнеме да викаме, да рушиме, да менуваме. Не за некој лидер. Не за партија. Туку за себе. За сопствениот кревет, улица, плата, воздух.
До тогаш, молчи и клечи. Тоа ти е националната спортска дисциплина. И да знаеш – златен медал не следува. Само златна шлаканица.



