Современи бајачи за економски развој
Веќе крилото од слеп глушец, преспиената сол, змискиот заб или влакна од косата не се потребното ритуално средство на бајачите и колешките бајачки. Дојде 21 век и преминавме на обуки, стратешко планирање и експертиза. Та нема да бидеме прости – баењето да не го прекрстиме со посовремен термин. Додуша остана меурот од риба за невисност и досега не нашле подобра замена за овој магиски реквизит (применлив само за девојките, а жртви се момците) но кој денес се грижи за невиноста? Исто така не нашле вистинска замена за системска реална едукација и посветени наставници и професори, но кој се грижи за знаење денес?
Се мени и начинот како се станува бајач/ка. Порано, до вода ќе стоела „инструкторката – бајачка“, со расплетени коси и на „ученичката“ – фатена за прамени коса со двете раце, ќе ѝ го предавала занаетот, низ кажување на магиските глоси – научени од мајка или баба. Сега треба сертификат, а ако е од „странска реномирана компанија“, тоа е најбарано, но може да помине и наш одбран факултет, кој овозможува вработување на „џам место“, во близина на власта или странските донатори. Како и да е, можеш лесно да станеш бајач/ка за стратегиски развој, видар/ка за менаџирање со отпад, кушач/ка за изработка на бизнис планови или јасновидец/ка за локален економски развој. Тоа е принципот: мантраш нешто – што си научил и нема врска дали има врска со било што. Парите ќе ги земеш вака или онака.
Се смени и причината за „стручна интервенција“ на специјалистите за мајџија. Порано се одело за „од нагазено“, „од натурено“, од „невеселост“, „од уплав“, „далак“, бокмаџа“, „на детево не му оди“, за неостварена љубов, за болест, „да тргне за напред работата“, за сечење направена мајџија. Сега се повикуваат општинарите и администрацијата на обуки за повишување капацитет, стекнување свесност, развој на вештини, стекнување „меки“ и социјални вештини и стручни компетенции. Поттикот е во „немањето кариера и одење напред“, дека на општината не ѝ оди, дека администрацијата не е ефикасна, во слабите услуги за граѓаните, во високото ниво на корупција и клиентелизам, политички влијанија во судството, во застарените урбанистички планови, недонесувањето на годишен план, стратегија… Принципот е ист, ниту бајачот знае што ти е, ниту сертифицираните предавачи знаат од што „лечат“ и за што предаваат. И тие биле на некоја едукација, стекнале некој сертификат, ја научиле шемата и сѝ мантраат говорни формули, исто како бајачката и се надеваат дека баењето, односно обуката „ќе фати“.
Самите постапки се мошне изменети. Порано требаше преспана сол, јагленчиња, нокт или коса од некого, или маица на голо носена, за да види бајачката што го парка „клиентот“, а сега се користи СВОТ анализа, анкета со стејкхолдерите, деск – истражување или статистички податоци, за да видиш она што сите го знаат, ама не им одговара да го прифатат како точно. Како и кај јасновидецот, експертот мора да најде нешто, што никој не го претпоставил. На пример, едно ЈКП е во загуба заради слабите финансиски резултати, а тие се случиле заради недоследности во исполнувањето на финансиските планови, а тие се случиле заради лошата распределеност на обртните средства. Јасно како ден и (најважно од се) ново е, зар не? Ако речеш директорот крадел, стануваш прост и веќе не си во класата експерти – бајачи, а општините нема да ги видиш повеќе како свои клиенти. Баењето е слободна професија и зависи од успешноста на пазарот, исто како и експертите и експертските консултантски куќи.
И целта на барањето „експертска помош“ или „чаре“ веќе не е иста. Чарето (сите тоа го знаеле) порано било во едукацијата, родителската грижа и квалитетот на наставниците и професорите, па останувала само „срејчата“, да се вдомиш на добро место и да нишаш врата и земаш плата, освен ако мама и тато не се на факултет, па да ти чуваат место. Но, за такво чаре не се оди на бајачка, каде причините мора да ги бараме во оноземното, па така, тие со мака и зорт оделе за духовно – оноземна помош. И љубовта и болеста и немаштијата и лошиот изглед или карактер не бараат редовни решенија, туку вонредни – „експертски“.
И сега чарето е пак во среќата за нишање нозе и земање плата „на државно“, но едукацијата е слаба, способностите – непотребни, а грижа од родителите веќе нема, па „експертската помош“ е во стекнувањето диплома или сертификат и доволно силната позиција во партијата да те приберат во некоја институција. Таму стануваш и самиот бајач и ги рецитираш добро научените магиски формули „за доброто на граѓаните“, „за почиста животна средина“, „за зголемен економски раст“, „за подемократски амбиент“. Нема разлика. И баењето нема резултати, освен како плацебо ефект и мантрањето политички флоскули никој не ги смета за нешто важно, затоа што секој знае дека на позиција се иде за крадење, а по телевизии за мантрање. Додуша сега има голема помош за младелачките болки и во фејсбукот и инстаграмот, ботоксите, скапите коли, проѕирните хеланки, брендираната гардероба, новите заби, штикли и други „помагала“, кои создадоа нова магиска фела „специјалисти“, кои баат од разум и од добар вид и слух. Целта не е во подобрувањето, туку во слепилото за убавото, секси, достоинствено, посакувано. Исто како кај празноверијата, исто како со политичкото баење од гордост, такт, етика, достоинство.
Порано имаше специјализација на различни бајачки дисциплини: гледачи/ки, бајачи/ки, сечачи на уплав и далак (двојна специјализација), кушачи/ки, вражачи/ки, маѓепсници, чародејци, повикувачи на мртви (некроманти), окултисти, пророци, медиуми, гласослушачи, исцелители, тријачки од намет, фрлачи на магија, но и верски специјализанти, кои се зафатиле со „дополнителна пракса“ со правење амулети, амајлии и заштитни записи. Имаше и „жени за невиност“, која секоја девојка невина ја праќаа на својата прва брачна ноќ. Сега е специјализацијата сосема поинаква, во бизнисот со експертиза.
Сега главните и вистински експертски бајачи се деца на популарноста на социјалните медиуми, влијанието и миленици на медиумите. Другите бајачи/ки се деца на проектите – финансирани од странство. Третата категорија се окултисти кои прават номинални и смешни планови, програми, стратегии, акциски планови, а кои општините, компаниите и скоро секое правно лице мораат да ги имаат – согласно законите, иако никому не се потребни. Четврти се амулетџиите, кои враќаат пари – ако ги ангажираш. Петта специјализација е проектно – политичката и тука има исцелување од сиромаштија со државни пари од добиени проекти, но тука е тешко мантрањето, затоа што главните маги ги се само од власта. Шестата специјализација ….
Ете гледате, се сѝ има своја современа форма, иако приказната е секогаш иста и само вистинското образование и меур за невиност, со адекватна дебелина остануваат незаменливи, но кому и едното и другото денес му требаат.