Започна пријавувањето за сместување во студентските домови за 2025/2026 – електронски рок до 31 јули
Од денеска, 15 јули, започна електронското пријавување за сместување во државните и приватните студентски домови низ државата за академската 2025/2026 година. Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом. Рокот за пријавување на студентите од II година и повисоките години почнува од 15.07.2025 година и трае до 31.07.2025 година. Рокот за пријавување на студентите од I година почнува од 10.09.2025 година и трае до 17.09.2025 година.
Студентите кои ќе аплицираат за легло во некој од студентските домови треба да пополнат електронска пријава и да ја прикачат соодветната документација на интернет-порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk. Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови ќе останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи сè до нивното пополнување, но најдоцна до 30 ноември 2025.
Според Конкурсот што го објави Министерството за образование и наука, слободни се вкупно 4.264 места во студентски домови во Скопје, Штип, Битола, Тетово, Охрид и Прилеп. Од нив, 851 место се наменети за бруцоши, а 3413 места се за студенти од втора и повисоките години на студии.
| Реден број | СТУДЕНТСКИ ДОМ | МЕСТО | Број на легла за студенти од I година | Број на легла за студенти од II, III, IV, V и VI год. и апсолвенти | ВКУПЕН БРОЈ НА ЛЕГЛА |
| 1 | ДСД СКОПЈЕ (ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ) | Скопје | 242 | 970 | 1212 |
| 2 | ДСД ПЕЛАГОНИЈА | Скопје | 199 | 798 | 997 |
| 3 | ДСД ТОМЕ СТЕФАНОВСКИ СЕНИЌ | Скопје | 67 | 268 | 335 |
| 4 | ДСД КОЧО РАЦИН | Битола | 77 | 308 | 385 |
| 5 | ДСД НИКОЛА КАРЕВ | Охрид | 48 | 194 | 242 |
| 6 | ДСД „ОРДЕ ЧОПЕЛА” | Прилеп | 66 | 264 | 330 |
| 7 | ДСД БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ | Штип | 47 | 189 | 236 |
| 8 | ДСД ТЕТОВО | Тетово | 59 | 236 | 295 |
| 9 | ПСД ХИЛЈАДНИКОВ | Штип | 12 | 48 | 60 |
| 10 | ПСД ЛОГОС | Штип | 10 | 42 | 52 |
| 11 | ПСД УЈИЕ | Тетово | 24 | 96 | 120 |
| ВКУПНО: | 851 | 3413 | 4264 |
Поради реновирање, затворени се домовите „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје кои, според најавите од МОН, повторно ќе примаат студенти од вториот семестар на претстојната академска година.
Најмногу места во главниот град има во студентскиот дом „Гоце Делчев“ (1212), во ДСД „Пелагонија“ на располагање се 997 места и 335 во ДСД „Томе Стефановски Сениќ“.
Во ДСД „Кочо Рацин“ во Битола има вкупно 385 слободни места за сместување студенти, 242 се слободни во ДСД „Никола Карев“ во Охрид, 330 во ДСД „Орде Чопела“ во Прилеп.
Во Штип студентите може да изберат сместување во три дома: ДСД „Браќа Миладиновци“ (236) и во приватните ПСД „Хилјадников“ (60) и ПСД „Логос“ (52).
Два дома се на располагање во Тетово: државниот студентски дом „Тетово“ располага со вкупно 295 легла и приватниот ПСД УЈИЕ – со вкупно 120 места.
Во Конкурсот на МОН се појаснети условите за прием на студенти во домовите, начинот на електронското пријавување, начинот на кој се врши распределбата на расположивите места, документите потребни за аплицирање, конкурсните рокови и постапката за прием во студентските домови.
Конечните списоци за студентите од втора и повисоките години ќе бидат објавени до 6 септември 2025, а за бруцошите – до 30 септември. Приговори по резултатите се поднесуваат во рок од 10 дена во домот за кој се аплицирало.
Студентите кои ќе бидат примени имаат обврска да се вселат во рок од 10 дена од објавувањето на конечниот список и склучувањето на договорот со студентскиот дом.
Foto- Vikipedija


