Ничија земја

Ничија земја е воена терминологија и се однесува на територија на фронтот, која се наоѓа помеѓу непријателските формации или радиоактивен терен, откако ќе експлодира нуклеарна бомба.

Ова не е за војната, туку за реформите, па и за оние во земјоделието. Додека говориме за името, јазиците… парите сѝ одат. Да не биде, додека да го решиме името, да мора да се задолжиме, оти имет ренде, имет кувар, имет келнер, ама зарзават за салата немет. Субвенции – имет. Данок за земјоделци од 2% – немет.

Едноставно, пред воведувањето на земјоделските субвенции, земјава имаше најмалку 32% ораници повеќе – отколку сега, а тоа е директна последица на целиот систем на државна политика со субвенциите и злоупотребите на државното земјоделско земјиште. Важен дел на тој „систем“ е Агенцијата за поддршка на земјоделието, со скоро илјада вработени. Такви „институции“ за партиски војници има на претек, а ние ги плаќаме, за да го пустат домашниот зарзават, оти имет странски (увозот на храна е зголемен над 70%).

Пред 7-8 години, во една рурална општина во Пелагонија, имавме стручен панел за влијанието на земјоделската и земјишна политика врз руралните општини и сите ние „градските“ останавме како удрени од струја, кога градоначалникот на општината раскажа што сѐ се прави со разните видови субвенции и земјоделското земјиште. Кажувањето на градоначалник, сосема слободно – пред камера, во време кога сите молчеа, укажува јасно, дека тој беше толку многу јадосан, што ја заборави и партиската кауза: молчи и кради. Во секоја минута, тој претстави барем по три кривични дела, од делењето на стотици хектари државно земјоделско земјиште, кое не го обработуваат, иако на него течат субвенции, па до „садење“ лешник на земјиште, кое капка вода не го полева – освен дождот, пријавување иста парцела по повеќе пати, на повеќе имиња од семејството, до враќање пари на „Петко и јанко“, за да ги однесат „кај што требит“.  Вистински хорор, со наши и европски пари.

Критериумите („папирите“) за добивање ИПАРД средства, секоја година се упростуваат, макар што и сега се пресложени, за да се зголеми процентот на искористеност. Сепак, нашите селани не се замараат со тешки проекти и поголеми пари, за кои треба да се помачат, да трошат свои пари или да земат кредит, па и да не прават малверзации (што тешко им паѓа), тие „рабоќе“ (големи и реални проекти) им ги оставаат на „големите“, кои сѝ ивестираат во своите капацитети, со туѓи пари. Идила! Нашиот селанец не размислува за реален бизнис и како од мал, да стане голем производител. Ниту го занима своето производство да го пласира на сигурен начин преку свој дополнителен бизнис (на пример, да отвори кафеана, винарија, камп…). Него не го занима никаков друг бизнис, кој е реален и бара работа. Тој бара „гаге“. Бара чувство дека „некого заебал“.

 За другите, „мали“ бизнисмени, односно земјоделци, како се кратеа критериумите, така се полнеа „телата за имплементација“ на ИПАРД – от, со партиски војници. Ниту тоа не помогна со критериумите, а партиските војници и онака немаа врска со земјоделие. Порано не сакаа да кажуваат, оти се плашеа, денес мислат дека така треба. Поинаку кажано, ниту виделе, ниту знаат дека може и поинаку и подобро.

Сето е ова познато, но никој не сака ништо да преземе, затоа што земјоделците и божемните земјоделци се и гласачи. Џабе што знаеме, што имаме статистики, што сите гледаат дека играме погубна земјоделска политика и правиме „ничија земја“, која природата повторно сѝ ја зема назад. Затоа и објаснував што е тоа „ничија земја“, оти кога не сфатиле највисоките раководства на партиите, а не сфатиле – видно партиските понуди и планови, кој остана за тоа да говори? Кој подобрувањата ќе ги вети, а да не добие црвен картон од гласачите земјоделци, кои не се тука да произведуваат, туку да земаат субвенции од најразлични видови.

                Во земјоделието се потребни храбри чекори. Народот е испоганет од криминал, а последиците се катастрофални. Земјоделецот треба да произведува, а не да го подмитуваме заради гласот на избори. Колку и да им даваме, тие ќе сакаат повеќе и повеќе, за својот глас. Нема тука долна граница. Рендето е кај нив.

Ние би требало да бидеме земјоделска земја, според бројот на земјоделци, а земјоделието бара стручно водство и визија. Освојувањето на ничијата земја мора да тргне од тоа Министерство за земјоделие, а за тоа да се случи, првиот чекор е „подзачистување“ во тоа министерството и „агенциите“. Ако тоа оди така, се надевам дека ќе им останат десетина вработени. И толку е доста, за да се дојде до „здраво ткиво“.

Останатите ќе можат да одат „во освојување“ на земјоделското, наместо на урбаното земјиште, а рендето да го заменат за трактор – гасеничар, за освојување на ничијата земја (за историчарите и социолозите од МЗШВ едно објаснување: тоа е машина, со која земјата се подведува под земјоделски „режим“. Култивација на земјиште е процес на …). Можеби нема да ви треба, но не може да шкоди.

Слични Објави