Нафтата поефтинува, златото поскапува

Цените на златото пораснаа, а нафтата забележа остар пад по објавата дека САД и Иран постигнале договор за прекин на повеќемесечниот конфликт.

Фјучерсите на суровата нафта Брент, кои претходно се тргуваа над 87 долари за барел, се намалија под 84 долари, што претставува дневен пад од околу 4 проценти. Пазарите реагираа позитивно на најавата за мировен договор меѓу Вашингтон и Техеран, чие потпишување е најавено за 19 јуни во Швајцарија.

Во меѓувреме, цената на златото, кое традиционално се смета за сигурно засолниште во периоди на неизвесност, порасна за 1,8 проценти и достигна 4.297,42 долари за унца, што е највисоко ниво од 9 јуни. Американските фјучерси за злато со испорака во август се зголемија за 1,9 проценти, на 4.318,10 долари за унца.

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф соопшти дека по интензивни преговори САД и Иран постигнале мировен договор, при што двете страни се согласиле на итен и траен прекин на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан.

„По интензивните разговори, со задоволство објавуваме дека е постигнат мировен договор меѓу Соединетите Американски Држави и Исламската Република Иран“, напиша Шариф на социјалната мрежа X.

Според неговите наводи, официјалната церемонија на потпишување на договорот е закажана за 19 јуни во Швајцарија.

Објавата за договорот ги намали стравувањата од понатамошна ескалација на конфликтот и можните последици врз глобалната инфлација и каматните стапки.

Слични Објави