|

[Видео] Симболот на Прилеп – Градскиот Саат

Судбината на Прилеп често била поврзана со Прилепскиот панаѓур, кој претставува извор на „нова вредност“. Тоа биле средства од трговија, но исто така тука се продавале и прилепските производи.

Ѓорѓи Трајчев, вели дека Прилеп, во 1886 имал 2779 куќи, 10 џамии, 3 текиња, 5 медреси, 1.100 дуќани, 26 анови, 2 бањи… Кон крајот на XIX век се говори за 1.100 до 1.500 дуќани организирани во 38 еснафи. Исто така за процветот на Прилеп помогнало тоа што во средината на XIX век, Прилеп станува „маазија“ на мајката од Султанот, со што е унапреден панаѓурот. Точно на истекот на овој период, во 1825/1826 година е изградена и градската Саат Кула. Градена е во 1858 година на местото на постара дрвена Саат кула, која што изгорела во пожар, што ја зафатил целата Стара чаршија во 1854 година. Тогаш во кулата е вграден и механички часовник.

Саат кулата ја изградиле познатите прилепски мајстори Коста Лауц и Ристе Тасламиче, а ктитор е Саит ага. Кулата е градена на шестоаголна основа со масивни делкани камени блокови во висина од 20,5 метри и скелетен систем од дрвена конструкција. Вкупната висина на објектот е 38,76 м. Оваа кула, која ние ја нарекуваме „крива“ е под инклинација од 114,4 см., што носи опасност за нејзино паѓање, па од 1985 до 2013 година на неа е интервенирано неколку пати, за да се запре понатамошно навалување.

Саат кулата има натпис на влезот со арапски букви каде пишува: „Чукањето на саатот не е секогаш означување на времето. За животот и времето што минува, саттот жали и вика: Ах!“ Има и ознаки за времето кога е изградена (1275 година по хиџра, што одговара на периодот 11.08.1858 до 30.07.1859 година и кога се случил пожарот, во кој изгорела старата саат кула.

Одма до саатот постои и чешма, која, според мермерната плоча која е вградена во неа, изградена е во 1826 година, најверојатно кога постоела и дрвената кула. Чешмата ја подигнал Саид Ага во 1826 година, а ја обновил Есад Ага во 1836 година, а последната поправка на чешмата била извршена во 1896 година.

Слични Објави