Говор на претседателот на советот на ППР Борче Јовчески – Работилница „Будење на заспаниот џин“
Претседателот на Советот на ППР – Борче Јовчески е „татко“ на сите општини во еден плански регион, како нашиот: Пелагонсики Плански Регион. До него седи уште еден „татко“, проф. д-р Игор Неделковски – ректорот на нашиот „регионален универзитет“: Свети Климент Охридски.
Некому овој говор ќе му изгледа сувопарно и академски, но така говорат функционерите. За нив е секој збор обврска, затоа што знаат добро дека „не ја бива работата“ Младите си заминуваат. Дали им се свесни тимовите во општините и професорите – предавачи за ова, тоа е друго прашање, но не за нас, туку за нив.
Пробавме многу работи за тоа да го спречиме тоа бегање „сами од себе“ и сфативме дека џабе било бегањето: На крајот на патот, единствено што можеш да пронајдеш си ти самиот! Сега, после многу обиди, видовме дека „жешките костени“ никој нема да ги извади од огинот наместо нас. Костените ни се вратија, пожешки од секогаш.
Затоа од нас зависи, а градоначалникот на Прилеп и воедно Претседател на овој пелагониски Совет и ректорот на УКЛО ништо не можат без нас. Тие се согласија дека „можат да извадат по некој жежок костен“, да започнат со соработка и планирање, да ги „потстегнат“ вработените повеќе и поуспешно да работат, но заклучокот е само еден: Нема ништо да направат без учество на граѓаните и нивниот најпосветен дел – студентите и професорите.
Тоа значи дека и граѓаните не треба да ги остават без сопственото мислење. Одете на нивните средби и кажете им она што ве тишти. Критикувајте, барајте да ви дадат податоци и документи, прашувајте за секоја буџетска ставка, прашувајте за работата на универзитетот. Имате мејлови, телефони, фејсбук. Имате јавни средби. Ако не е до нив, нека најдат до кого е! Нели се на власт?
Да не ги оставаме сами „да се грижат“ за отселувањето на младите. Младите се отселуваат и заради нив и заради нас, кои молчиме – кога треба да зборуваме. Ние сме тие, кои им ги дале погрешните совети на нашите деца. Ние сме тие, кои децата ги виделе дека „не ги бидува“. Ние граѓаните сме, или (барем) треба да бидеме, „компасот“ на институциите, кои треба да запрат со лутањето.