|

(видео) Опозицијата бара одговорност за незакажаната вонредна седница, „Спас за Прилеп“ да се носат правилни одлук

Опозициските советници во Советот на Општина Прилеп денес побараа одговорност од претседателката на Советот поради, како што велат, незаконско и неделовничко непостапување по нивното барање за свикување итна седница поврзана со измените на Законот за минерални суровини и Законот за јавно-приватно партнерство и концесии.

Советникот Жарко Стеваноски изјави дека барањето било поднесено на 3-ти овој месец од страна на сите опозициски советници, со цел што побрзо да се отвори дебата пред донесувањето на законските измени, бидејќи Прилеп е меѓу најзасегнатите општини со најголем број концесии.

Според него, со новите законски измени се загрозени селата Ореовец, Плетвар и Крстец, а Советот треба да расправа и за иницијатива за изработка на кумулативна студија за влијанието на сите концесии врз животната средина и здравјето на граѓаните.

„Во изминативе 35 години никој не направил анализа како големиот број концесии влијаат врз здравјето на луѓето. Пелагонија ја полни Државната клиника со пациенти со белодробни и канцерогени заболувања, а сè уште не е испитано зошто токму од овој регион бројот е најголем“, рече Стеваноски.

Тој посочи и дека на дневен ред е предложена одлука за формирање месна заедница во Ореовец, со што би се регулирал правниот статус на селото кое има 22 регистрирани гласачи. Според него, целата законска процедура била испочитувана, но владејачкото мнозинство досега не ја ставило точката на дневен ред.

Опозицијата очекува дебата и конкретни одговори од мнозинството, оценувајќи дека игнорирањето на иницијативите на една третина од советниците потсетува на, како што велат, „времиња кога власта се нарекуваше режим“.

Пред почетокот на седницата, имаше и собир на граѓани кои пред општинската зграда во Прилеп упатија повик до советниците да донесат „правилна одлука“ по однос на точките поврзани со концесиите и животната средина на седницата на Советот.

Ѓорѓи Ѓорѓиески порача дека граѓаните по 35 години независност бараат официјални податоци за квалитетот на воздухот, водата и почвата во Прилеп и околината.

„Прилеп важи за најрударски град во државата. Од една страна тоа е богатство, бидејќи тука се наоѓаат најголем дел од минералните суровини во Македонија, но од друга страна сите сме сведоци на уништената животна средина и мермерната прашина што секојдневно ја дишиме“, изјави Ѓорѓиески.

Тој нагласи дека граѓаните бараат официјални анализи и бројки кои ќе покажат до каде е загадувањето и какви последици има врз здравјето на луѓето.

Од иницијативата „Спас за Прилеп“ велат дека е време институциите конечно да направат сериозни истражувања за влијанието на концесиите и рударските активности врз животната средина и здравјето на прилепчани.

Слични Објави