Почитуван читателу
Не планираме да те замараме со многу податоци, за да покажеме колку сме паметни. Во написите, кои ќе ги објавуваме скоро секој ден, ние сакаме да те спремиме да можеш да учествуваш во работата на локалните и регионалните тела, кои ти ја одредуваат судбината, преку нивната добра или лоша работа, преку трошење на парите од твојот данок, преку плановите и стратегиите, кои ги носат, а важат и за тебе, иако ти не си учествувал во нивното носење. Законот ти дава право да учествуваш скоро во сите работи на општината. Нормално, никој нема да ти отвори врата и да ти прави метании, но има и начини и законски можности, а и самите општини сакаат кога граѓаните, а посебно експертите во некоја област, сакаат да помогнат во правењето планови, стратегии, законски уредби, затоа што ти и им ја работиш работата на административците и функционерите, и подобро така, отколку тие сами да сработат. Кога сами сработуваат, тоа сѝ го прават на свој начин, кој (скоро редовно) не нè бендисува, но „по свадба тапани“ во политиката нема.
Граѓаните велат дека нема да учествуваат во работата на политичарите, општините, институциите, дека нема да излезат на гласање дека….
Чекај малку! Ако не гласаш, значи дека не си учествувал?
Не си учествувал?
Сѝ учествувал и тоа како! Кога гласаш, кога не гласаш, кога учествуваш и кога не учествуваш!
СЕКОГАШ УЧЕСТВУВАШ
Затоа, подобро учествувај, отколку да учествуваш со неучество!!!
Затоа подобро „дојди на свадба, наместо после свадбата да удираш тапани“
Не залажувај се: Можеби е локална, но сепак е власт.