|

(ФОТО) Едукативна програма на ЛАГ АГРО ЛИДЕР за циркуларна економија и зелени иницијативи

Во изминатиот период, ЛАГ АГРО ЛИДЕР успешно реализираше серија едукативни работилници во основни и средни училишта, како и во граѓански организации, со цел подигање на свеста за заштита на животната средина и поттикнување на креативноста кај младите.

Преку програмите „Од отпад до вредност“ и „Од стара хартија – до нова креативност“, учесниците имаа можност на практичен и интерактивен начин да научат како отпадната хартија може повторно да се искористи. Со помош на еко моливите и боичките „3 Hearts“, тие изработуваа уникатни креативни дела, истовремено стекнувајќи знаења за одржливо користење на ресурсите и важноста на рециклирањето.

Во активностите беа вклучени над 80 ученици, млади и претставници од граѓанскиот сектор, кои преку заедничка работа и размена на идеи придонесоа кон градење на позитивни навики и одговорен однос кон животната средина.

Овие работилници претставуваат значаен чекор кон зајакнување на еколошката свест и креативноста кај младите генерации, испраќајќи јасна порака дека секој мал чекор може да доведе до голема промена – од отпад до вистинска вредност.

Едукативната програма на ЛАГ АГРО ЛИДЕР се реализира во рамките на проектот „Еко моливи и боички од отпадна хартија“, со поддршка на субгрантовата програма на проектот „Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“. Проектот го спроведува организацијата People in Need, во партнерство со АРНО, LEAD и Ековита, а е финансиран од Европската Унија.

Слични Објави