Прилепската публика уживаше во промоцијата на „Сцени од животот“ и „Изблици“ од прилепската авторка Марија Ѓорѓиоска

Промоција на две нови дела на прилепската авторка Марија Ѓорѓиоска – вечер исполнета со емоции, уметност и духот на старо Прилеп

Во фоајето на Центарот за култура во Прилеп, во атмосфера исполнета со топлина, смеа и уметност, беа промовирани најновите две дела на прилепската писателка, поетеса и уметница Марија Ѓорѓиоска – „Сцени од животот“ (2025) и „Изблици“ (2026).

Настанот, кој претставуваше промоција на нејзиното петнаесетто и шеснаесетто авторско дело, понуди богата културна програма во која се споија литературата, музиката, театарот и ликовната уметност. Медијатор на вечерта беше Андриана Ристеска, додека извадоци од делата читаа младите актери Наум Ѓорѓиоски и Марија Талеска.

Осврти за творештвото на авторката дадоа Марија Симоновска и Моника Талеска, нагласувајќи ја уникатноста на делата на Ѓорѓиоска, особено нејзините хуморески напишани на автентичен прилепски дијалект.

Посебен белег на вечерта оставија членките на КУД „Преродба 24“, кои изведоа две музички нумери – „Иванице галабице“ и „Зоре, Зоре лично моме“, како и хумореската „Недоразбирање“, дело на самата авторка, кое предизвика многу смеа и позитивни реакции кај публиката.

Настанот беше заокружен со изложба на 20 нови ликовни дела на Марија Ѓорѓиоска, работени во маслена техника, со мотиви од секојдневието и богатата имагинација на авторката.

Со осум романи и осум стихозбирки зад себе, оваа 80-годишна прилепска авторка продолжува да создава и да ја воодушевува својата публика, пренесувајќи го духот на едно поинакво, поспокојно време, исполнето со човечка блискост, традиција и топлина.

Вечерта во Прилеп беше уште една потврда дека книжевноста и уметноста сè уште умеат да ги обединат генерациите и да создадат незаборавни моменти.

Слични Објави