| |

Заштита на животна средина – Надлежности на општината и како ги остварува

Законот за животна средина и пропратни закони за: регионално управување со отпад, заштита на амбиентен воздух, води, заштита од бука, управување со пакување и отпад од пакување, управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори, управување со електронска и електрична опрема и отпадна електрична и електронска опрема, заштита на природата и други правни акти преку кои се пренесува конкретна надлежност на општината, ја институционализира заштитата преку 2 начела: на интегрираност и на супсидијарност. Во законот постојат сијасет принципи (ова е истиот закон за животна средина на ЕУ) на организациска, функционална, персонална и финансиска самостојност на овие органи за спроведување и мониторинг на законите од доменот на животната средина, како и јасни начела (Загадувачот плаќа, Корисникот плаќа, Претпазливост, Учество на јавноста и пристап до информации, Заштитна клаузула) за управување со животнта средина, но сепак општините (многу слично како за ЛЕР планирањето) имаат неверојатно многу надлежности од оваа област, како: образование и јавна свест за животната средина; носење и спроведување Локален еколошки акциски план (ЛЕАП), согласно Националниот еколошки акциски план (НЕАП) за период од шест години; спроведуваат Стратегиска оцена на влијание врз животната средина (СОВЖС) заради издавање Б-интегрирани еколошки дозволи на бизнисот и водење регистар на издадени дозволи; изготвување „Локална агенда 21“ (стратешки, плански и програмски документ за одржлив развој, базиран на Националната стратегија за одржлив развој); а можат да формираат локални мрежи за мониторинг на состојбите со ЖС, да водат регистар на загадувачки материи и супстанции…, да водат катастар за ЖС (со обврска еднаш месечно ги доставува податоците до МЖСПП), Информативен систем за ЖС, а сето тоа сами да сѝ го финансираат.

Околу ЛЕАП, Советот формира тело раководено од градоначалникот, за следење на ЛЕАП (со среднорочни и долгорочни мерки и активности за заштита на животната средина и здравјето на луѓето), кое еднаш годишно да го известуваат МЖСПП, а начините за собирање податоци од правни и физички лица надлежни за спроведување на планот го пропишува Советот, на предлог на градоначалникот. ЛЕАП е услов за проекти од меѓународни донатори. Општините, понатаму одобруваат или одбиваат елаборати за животна средина (Решение) водат Регистар за одобрени елаборати, согласно подзаконски акти. Исто така изготвуваат (и го поднесуваат до МЖСПП)  Надворешен план за вонредни состојби, врз основа на Внатрешни планови за вонредни состојби (доставени од фирмите и ЈП и може да се наречат „планови за справување со можни хаварии“, кои се ревидираат на најмногу 3 години. За нив градоначникот треба да овозможи пристап на јавноста, а операторите одма да ги применат одредбите од внатрешниот план. При изработка на просторни и урбанистички планови, општината треба да ги има во обзир овие планови и да води сметка за оддалеченоста меѓу системите кои користат и/или создаваат опасни супстанци).

СОВЖС значи дека сите општински акти (освен ако добијат одобрение од МЖСПП дека не мораат) мораат да поминат „постапка за оценка на влијанието врз животот и здравјето на луѓето“ (ОВЖС), што значи и дека треба да дадат мислење за проектите, врз основа на изготвена ОВЖС студија (таа бара и  јавната расправа и додека таа трае не смее да се гради). Со ОВЖС се прави проценка на позначајните влијанија од одделен проект врз животната средина. Не е дозволено да се преземаат активности (изградба) сè додека трае процесот на ОВЖС и додека не се издаде Решение од МЖСПП. Учеството на јавноста е услов и за издавање Б-интегрирани еколошки дозволи (за бизнис, кои според класификацијата, предизвикуваат загадување од локално значење.), која фирмите мораат да ја имаат, а ја издаваат градоначалниците, но само еко бизнисот не е во „заштитено подрачје“, а во спротивност тоа го прави МЖСПП.

Општините можат да формираат заедничка администрација за издавање на Б-интегрирани еколошки дозволи. Процесот почнува со поднесување Барање (зависи дали мора во хартиена форма или електронски) од фирмата (оператор), со доставување на веродостојни податоци до градоначалникот (на чија територија е над 50% од бизнисот), кој е „регулатор“ и ја потпишува Б-дозволата. Општините се задолжени да достават мислење за потребата од  А-интегрирана еколошка дозвола за одреден оператор  (инсталации што предизвикуваат загадување на животната средина од поголем обем или значителните промени на постоечките, определено од Владата) која ја издава МЖСПП.

Слични Објави