(ФОТО) Прилепска делегација на студиска посета во Австрија – Размена на искуства за социјална и здравствена заштита

ВИЕНА/ПРИЛЕП – Во периодот од 20 до 24 април, делегација предводена од Здружението „Центар за развој и едукација“ – Прилеп реализираше студиска посета на Република Австрија, со цел размена на искуства и запознавање со австрискиот систем на социјална и здравствена заштита. Посетата се реализираше во рамки на проектот „Трансакт: Медицинска сестра во заедницата“.

Проектот „Трансакт“ е единствен од ваков тип во регионот и нуди широк спектар на бесплатни услуги, меѓу кои поддршка од медицинска сестра, психолог, физиотерапевт, специјален едукатор и рехабилитатор, како и социјален работник.

Во состав на делегацијата беа градоначалниците на општините Кривогаштани и Градско, заменик-министерот за здравство, претставници од Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и претставници од Заводот за социјални дејности.

Првиот ден од посетата беше посветен на официјална средба во Сојузното министерство за социјални работи, здравство, нега и заштита на потрошувачи на Австрија. Претставниците на Центарот од Прилеп ги презентираа досегашните резултати од проектот „Трансакт“, додека домаќините Andreas Schaller, Christina Schindlegger, Matthias Posch и Michael Goschelbauer го претставија австрискиот План за социјални услуги 2024–2028. Во рамки на денот беа презентирани и успешни модели за инклузија, каде волонтери активно помагаат во секојдневието на децата со попреченост.

Вториот ден делегацијата беше примена од градоначалникот на Општина Нојленбах, Jürgen Rummel. Акцентот беше ставен на психолошката поддршка за лица кои се соочуваат со стрес, анксиозност и депресија, како и на пилот-проектот „Community Nurse“ (Медицинска сестра во заедницата), кој веќе дава позитивни резултати во подобрување на квалитетот на живот кај повозрасните лица преку домашни посети и координација меѓу лекарите и семејствата.

Во рамки на посетата беше реализирана и обиколка на геријатрискиот центар „Clementium“, каде над 100 корисници, меѓу кои лица со деменција и хронично болни, добиваат соодветна грижа. Делегацијата го посети и локалниот младински центар, кој претставува простор за креативно изразување и поддршка на младите.

Третиот ден беше посветен на институционалната организација и заштитата на ранливите категории. Делегацијата го посети Црвениот крст во Нојленбах, каде беше презентирана организационата поставеност и опременоста. Посети беа реализирани и во „Notruf“ центарот, кој овозможува здравствена грижа во домашни услови, каде медицински сестри ја следат терапијата и виталните функции на пациентите, како и во центар за жени жртви на семејно насилство, кој обезбедува безбедност и стручна поддршка.

Исто така, беше посетена и Општата болница во Мистелбах, каде делегацијата се запозна со работата на установата, кадарот и организацијата, при што беа разменети искуства.

Во завршниот дел од посетата, делегацијата се запозна со работата на Hospice центарот за палијативна нега во Мистелбах, каде се посветува посебно внимание на достоинството на пациентите во терминална фаза. Дополнително, беа разменети искуства со волонтерите на Црвениот крст и со претставници од локалниот младински центар.

„Оваа студиска посета ни потврди дека насоката во која се движи нашиот проект ’Трансакт‘ е во согласност со европските стандарди. Искуствата од Австрија ќе бидат директно имплементирани во нашиот регион за уште подобра грижа за нашите сограѓани“, информираат од Здружението „Центар за развој и едукација“ – Прилеп.

Слични Објави