Инклузија преку спорт – ЛАГ АГРО ЛИДЕР дел од проектот „STOP THE GAP“ во Италија
Претставници на Локалната акциона група АГРО ЛИДЕР учествуваа на студиска посета во Бари, Италија, каде на 17 и 18 април се реализираа активности во рамките на меѓународниот проект „STOP THE GAP“, насочен кон унапредување на социјалната инклузија преку спорт.
Во состав на делегацијата беа и градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски, како и градоначалникот на Општина Градско, Киро Нацков. Тие остварија посета на Центро Спортиво Италијано – Бари, каде се запознаа со добри практики и иновативни пристапи за користење на спортот како алатка за поттикнување еднаквост, инклузија и социјална правда.
Проектот „STOP THE GAP“ се реализира под водство на Центро Спортиво Италијано – Бари, во партнерство со Параспортскиот сојуз на градот Ријека и ЛАГ АГРО ЛИДЕР, со поддршка на програмата Еразмус+ на Европската комисија. Во рамките на посетата, делегацијата оствари средби со претставници на регионот Пулија, локални самоуправи, како и спортски и параспортски организации, при што беше овозможена значајна размена на искуства и практики.
На 17 април, учесниците присуствуваа на инклузивен спортски настан кој ја истакна важноста од развој на програми што обезбедуваат еднакви можности за лицата со попреченост и за оние кои се соочуваат со социјални предизвици. Настанот опфати повеќе дисциплини, меѓу кои танцување, кошарка, фрлање ѓуле, frame running и други параспортски активности, со учество на интернационални претставници од Италија.
Оваа студиска посета претставува значаен чекор кон зајакнување на меѓународната соработка и унапредување на локалните политики и практики за инклузија преку спорт, со цел создавање поеднакво и инклузивно општество за сите.








