Прв концерт со чембало во Прилеп: барокна вечер со Јована Топалов и Ана Митоска
На 7 мај (четврток), со почеток во 20 часот, во НУЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи првиот концерт со чембало во Прилеп – редок настан за македонската музичка сцена.
Под наслов „Музиката на европските дворови на XVII век“, концертот носи македонско–српска уметничка соработка, со фокус на барокната музика и историски информираната изведба.
Главни изведувачи се чембалистката Јована Топалов од Србија и сопранот Ана Митоска од Македонија, уметници кои активно работат на промоција на раната музика во регионот.
Музичко патување низ европските дворови
Програмата ги носи слушателите на патување низ XVII век – од Англија, преку Австрија и Франција, до Шпанија.
Ќе бидат изведени дела од:
- Хенри Персел
- Јохан Јакоб Фробергер
- Елизабет Жаке де ла Гер
- Доменико Скарлати
Концертот вклучува и вокално-инструментални дела со basso continuo, каде чембалото не е само придружба, туку активен партнер во музичкиот дијалог со гласот

Чембалото е еден од најзначајните инструменти на барокната епоха, но во Македонија е исклучително редок – според достапните податоци, постојат само два функционални примероци.
За разлика од пијаното, звукот се создава преку механизам на перца кои ги „тргаат“ жиците, давајќи му јасен, светкав и препознатлив тон, типичен за барокниот стил.
Настанот претставува ретка можност прилепската публика да го доживее барокниот звучен свет – глас и чембало – во живо.
Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.



