Прилеп оддаде почит на народниот херој Мирче Ацев
Со пригодни свечености денес во Прилеп беше одбележана 82-годишнината од загинувањето на народниот херој Мирче Ацев, патрон на прилепската Гимназија и Касарната што го носат неговото име.
На настанот присуствуваа претставници на Општина Прилеп, предводени од градоначалникот Борче Јовчески и претседателот на Советот на општината Ирена Стерјоска Локвенец, и градоначалникот на општина Битола Тони Коњановкси кои положија цвеќе и оддадоа почит на ликот и делото на овој познат борец за национално ослободување на Македонија.
Мирче Ацев е еден од најпознатите борци за национално ослободување на Македонија и е одликуван со титулата народен херој. Неговата херојска борба и жртва за слобода ќе останат вечен симбол на нашата храброст и посветеност на националната независност. Тој трагично загинал во 1943 година, ѕверски мачен и убиен од бугарскиот фашистички окупатор, но неговото име и дело ќе живеат засекогаш во срцата на македонскиот народ.
Во чест на својот патрон празник, армискиот артилериски состав во касарната „Мирче Ацев“-Прилеп одржа пригодна програма, а учениците и професорите од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“-Прилеп ќе одржат свечена академија во театарот „Војдан Чернодрински“.
„Нека неговото име и дело служат како инспирација за сите нас да продолжиме да ја цениме и чуваме слободата што ја добивме од жртвите на нашите храбри македонски борци и херои!“напиша градоначалникот Јовчески.