Случајот во Прилеп уште еднаш покажа – пријавувањето на корупцијата е еден од најефикасните механизми за нејзино спречување
Пријавувањето на корупцијата е првиот чекор кон транспарентни институции
Случајот со уапсениот службеник во Агенцијата за вработување во Прилеп, осомничен дека со месеци барал и примал поткуп од корисник на социјална помош за да не му го укине правото на паричен надоместок, уште еднаш ја потврдува важноста на навременото пријавување на корупцијата. Благодарение на пријавата и реакцијата на надлежните институции, беше спречена злоупотреба на службената положба која директно ги засегала правата на еден граѓанин. Овој случај испраќа јасна порака дека пријавувањето на корупцијата е еден од најефикасните механизми за нејзино спречување, а транспарентноста и отчетноста остануваат темел на институционалниот интегритет.
Во таа насока, Транспаренси Интернешнл–Македонија продолжува со редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата преку барометарот „Бистро–Матно“. Оваа иницијатива со години претставува релевантен показател за состојбите со корупцијата во земјата, но и за подготвеноста на институциите да реагираат, придонесувајќи кон поголема јавна свест и унапредување на транспарентноста.
„Матни“ случаи – системски слабости што бараат институционален одговор
Во јулскиот Барометар се нотираат повеќе случаи што укажуваат на сериозни предизвици во владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Извештајот на Европската комисија за владеењето на правото констатира дека реформите остануваат претежно формални, додека во пракса недостигаат конкретни резултати. Забележана е намалена доверба во судството, недоволно спроведување на антикорупциските политики, недостиг на финансиски средства и човечки капацитети во правосудството, како и продолжување на чувството на неказнивост кај случаите на висока корупција.
Дополнително, случајот со загадената вода во Гостивар отвори прашања за институционалната одговорност и функционирањето на системите за контрола и заштита на јавното здравје.
Посебно внимание привлекоа и предметите „Талир 2“ и „Тотал“, кои повторно го актуализираа проблемот со застарувањето на предметите од висока корупција и потребата од поефикасно судско постапување.
Барометарот укажува и на ограничувањата во пристапот до информации од јавен карактер, поради воведувањето задолжителен електронски потпис за жалби поднесени по електронски пат, што според експертската јавност претставува дополнителна бариера за остварување на ова уставно загарантирано право.
Државниот завод за ревизија во текот на месецот објави повеќе извештаи во кои се констатирани слабости во финансиското управување, јавните набавки и работењето на јавните институции, меѓу кои Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, Агенцијата за вработување, ЈП „Комунална хигиена“, Фондот за здравствено осигурување, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, како и ограничените фискални капацитети на единиците на локалната самоуправа.
Во категоријата „матни“ случаи се најде и реакцијата на Коалицијата „Сите за правично судење“, која предупреди дека Судскиот совет при назначувањето вршители на должност претседатели на судови не ги почитувал законските критериуми.
„Бистри“ случаи – институционални реакции против корупцијата
Во делот на позитивните примери, Барометарот ги издвојува случаите во кои надлежните институции презеле конкретни активности против корупцијата.
Поднесено е обвинение против директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, кој според обвинителството побарал поткуп од 100.000 евра за да овозможи увоз на вештачко ѓубриво.
Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција поведе истрага против двајца стоматолози осомничени за примање поткуп во предметот „Ботокс“.
Како еден од најзначајните случаи за месец јули е издвоен токму случајот во Прилеп, каде службеник во Агенцијата за вработување е лишен од слобода поради основано сомнение дека подолг временски период примал поткуп од лице корисник на социјална помош, злоупотребувајќи ја својата службена положба.
Воедно, Основното јавно обвинителство во Штип отвори истрага против универзитетска доцентка осомничена дека побарала и примила 300 евра од студент за да му впише преодна оценка на испит.
Барометарот „Бистро–Матно“ за јули 2026 година уште еднаш покажува дека борбата против корупцијата бара постојана будност, транспарентност и институционална одговорност. Истовремено, случајот во Прилеп потврдува дека секое пријавување на сомнеж за корупција може да биде почеток на откривање и санкционирање на незаконските постапки, а токму активното учество на граѓаните, заедно со професионалното постапување на институциите, претставува клучен предуслов за градење општество во кое владеат интегритетот, отчетноста и владеењето на правото.
Целиот Барометар на корупција за месец јули 2026 година е достапен на: https://transparency.mk/2026/08/06/barometar-na-korupcija-za-mesec-juli-2026-godina/


