Локалните избори и ветувањата – што е навистина работа на градоначалникот, а што на државата? (ВИДЕО)
Во пресрет на локалните избори, повторно на големо се слушаат ветувања за нови болници, автопати, фабрики, па дури и зголемување на пензии. Но прашањето е – дали сето ова е воопшто надлежност на општините и градоначалниците?
Што е обврска на општината?
Според Законот за локалната самоуправа, градоначалниците и општините имаат многу конкретни надлежности, а најважните се:
- урбанистичко и просторно планирање – одобрување градежни дозволи за објекти со локално значење, уредување на земјиште, планови за градби;
- комунални услуги – водоснабдување, канализација, локални улици и патишта, улично осветлување, чистота, зеленило и јавни простори;
- локален економски развој – поддршка на мали и средни претпријатија, локални пазари, туризам;
- образование и култура – основни училишта, градинки, локални библиотеки, спортски сали и игралишта;
- заштита на животната средина – управување со отпад, паркови, бучава, локална енергетска ефикасност;
- социјални и јавни услуги на локално ниво – јавен превоз, локални патронажни сервиси, поддршка за ранливи групи.
А што е централна надлежност?
Голем дел од ветувањата што ги даваат градоначалниците всушност спаѓаат во надлежност на Владата и државните институции:
- изградба на автопати и магистрални патишта – тоа е надлежност на Министерството за транспорт и Државните патишта;
- изградба и одржување на клинички центри, болници и специјализирани здравствени установи – надлежност на Министерството за здравство;
- зголемување на пензии, субвенции и социјални права – тоа е државна политика;
- отворање на нови факултети или универзитети – надлежност на Министерството за образование и наука;
- големи индустриски инвестиции – најчесто спаѓаат во економската политика на Владата, а не на општините.
Најчести предизборни ветувања
Во кампањите, градоначалниците најчесто ветуваат:
- реконструкција на локални улици и изградба на нови патишта;
- уредување на паркови, спортски игралишта и културни домови;
- подобрување на водовод и канализација;
- воведување нови линии на јавен превоз;
- транспарентност и редовни средби со граѓани.
Но, многу од нив неретко вклучуваат и проекти што воопшто не се дел од нивните надлежности, како нова болница, регионален пат или ветување за зголемување на плати и пензии – што остава простор за манипулација со очекувањата на граѓаните.
Ветувања или реални обврски?
Граѓаните често се доведени во заблуда бидејќи не прават разлика помеѓу локални и централни надлежности. На тој начин, дел од кандидатите за градоначалници ветуваат сè и сешто, а по изборите лесно можат да ја префрлат одговорноста на Владата.
Затоа, клучното прашање пред секои локални избори останува: Дали граѓаните ќе гласаат за реални програми засновани на локални надлежности, или пак повторно ќе слушаме ветувања за автопати и болници што не се во рацете на градоначалниците?



