|

(видео) „Сина револуција“ со трета акција за пошумување

Денес, по повод 14 Ноември – Денот на лицата со дијабетес, по трет пат како иницијатива „Сина револуција“ спроведуваме акција за пошумување на просторот околу Прилеп и прилепскиот регион. Нашата цел е јасна – да создадеме што поголеми зелени површини, да обезбедиме почист воздух и подобро здравје за сите.



Овој пат засадуваме 100 садници јасен во близина на манастирот „Св. Петка“ и кај споменикот посветен на настаните од 2001 година. Сакаме ова место да го претвориме во пријатен простор, каде граѓаните во летните горештини ќе можат да најдат ладовина, да уживаат во природата и да се дружеа – нешто што сè поретко се случува меѓу луѓето.

Пошумувањето има повеќекратна улога: го подобрува квалитетот на воздухот, создава природна бариера од мермерната прашина и загадувањето од реката Битола, а воедно помага и за биодиверзитетот. Со повеќе шумски појаси, дивите животни ќе имаат природен простор и нема да се спуштаат близу до селата и трлата, што често предизвикува штети – како последните случаи со мечки и волци.

Како дијабетичари, свесни сме дека и ние создаваме одреден отпад и со оваа акција сакаме да возвратиме на природата и да ја намалиме негативната трага што сите ја оставаме.

Садниците се набавени со помош на наши сограѓани, со сопствени донации, но и со поддршка од иселеници од Америка, Германија, Швајцарија и други земји. Благодарност упатуваме и до разсадниците од државата, како и од Радовиш, кои ни излегоа во пресрет со пристапни цени.

Акциите започнаа во 2021 година, и од тогаш до денес се реализирани околу 10 пошумувања, со засадени над 13.000 дрвја. Жалиме што ниту државата, ниту општината никогаш не се појавија барем да прашаат кои сме и што правиме. Не сме агрономи – љубители на природата сме, кои учат од искуство и со секоја нова акција стануваат подобри.

Од претходните искуства научивме дека садниците кои не се во саксии тешко преживуваат поради сушите и недоволната грижа, па оваа година се одлучивме за помал број, но поквалитетни – садници во саксии со сопствен расад и земја, кои не доживуваат шок при садење.

Се надеваме дека денешната акција ќе биде силен чекор кон повторно зеленеење на овој гол дел од природата. Свеста кај граѓаните расте, желбата за излез во природа исто така, но проблемот останува – сè помалку има сенка, сè повеќе се сечат дрвја. Дрвокрадството е во пораст, а дрвата што ги купуваме не се ниту поевтини ниту поквалитетни – напротив, ги губиме шумите и „белите дробови“ на нашата околина.

Заедно можеме да направиме промена. Ова е мал, но важен чекор кон поздрава и позелена иднина – за нас и за генерациите што доаѓаат. – Диме Велски

Слични Објави