|

(видео) ПРИЛЕП ДОМАЌИН НА МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА СОЦИЈАЛНИТЕ И ЗДРАВСТВЕНИТЕ УСЛУГИ

Како да се подобрат социјалните и здравствените услуги, да станат подостапни и поефикасни за граѓаните, особено за лицата на кои им е потребна секојдневна нега – ова се дел од темите на меѓународната конференција „Социјални и здравствени услуги – предизвици и можности“, која се одржува во Прилеп во организација на Центарот за развој и едукација – Прилеп

Претставници од Австрија, Црна Гора, Албанија, Србија и Македонија разменуваат искуства и практики од областа на социјалната и здравствената заштита, со посебен акцент на можностите за развој на услугите во домовите на корисниците.

Од Центарот за развој и едукација – Прилеп посочуваат дека една од најизразените потреби на терен е токму недостигот од соодветна здравствена грижа во домашни услови.

„Според нашите анализи на терен, најмногу недостасува соодветната здравствена грижа во домот. Прашањето е како да се намали оптоварувањето на здравствениот систем, а на луѓето во нивните домови да им се обезбеди посоодветна здравствена грижа“, изјави Марина Тошеска од Здружението Центар за развој и едукација – Прилеп.

Иако Австрија има значително поразвиен систем на социјална и здравствена заштита, искуствата од Македонија отвораат простор и за размена во спротивна насока. Австрискиот претставник Штефан Нидермосен го посочи мултисекторскиот пристап како една од практиките што ја препознале како корисна.

„Во Австрија негата е посебна област. Научивме од Македонија дека грижата не е само здравје, не е само сиромаштија или решавање проблеми, туку бара мултисекторски пристап. Кај нас овие области функционираат на одделни системски линии, додека тука видовме пристап во кој различните услуги се обединети. Тоа отвора можност и нашиот, финансиски скап социјален систем, да стане поефикасен“, истакна Нидермосен, извршен директор на невладина организација од Австрија.

Стареењето на населението и демографските промени се дополнителен предизвик за европските здравствени и социјални системи. Проценките се дека потребата од нега ќе расте, а дел од услугите што сега се обезбедуваат во болниците би можеле да се реализираат во домашни услови, со соодветен стручен кадар и поддршка.

„Многу пациенти кои моментално се лекуваат во болниците би можеле да добиваат домашно лекување со соодветна поддршка и персонал. Во Европа ќе се соочиме со криза на негата, чиј обем, според мене, сè уште не е целосно препознаен од надлежните. Важно е Македонија да се подготви и за идното користење на европските фондови, односно да има капацитет да ги апсорбира средствата што ќе ѝ бидат достапни“, изјави Харалд Бреза Фугер, аташе за социјални работи од Австрија во Македонија.

Конференцијата ги отвора прашањата за тоа како да се одговори на растечките потреби од нега, како да се поврзат социјалните и здравствените услуги и како грижата за граѓаните да не остане ограничена само на институционалните установи, туку да биде достапна и во нивните домови.

Слични Објави