„Стремеж“ со нов број – Духовниот аманет на Борко Лазески и богата книжевна содржина

Излезе новиот број на списанието „Стремеж“ – второ издание за 2026 година

Од печат излезе новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“, број 2 за 2026 година, со што продолжува традицијата на оваа значајна културна публикација, која годинава одбележува 72 години постоење.

Во најновото издание читателите ќе имаат можност да проследат разновидни литературни и уметнички содржини, застапени во рубриките „Поезија“, „Проза“, „Критики, студии“ и „Ликовна уметност“.

Во рубриката „Поезија“ објавени се десет песни од Милчо Мисоски, како и поетски избори од повеќе странски автори. Застапена е француската поетеса Луиза Сифер и рускиот поет Константин Баљмонт, во препев на Елена Карпузовска, словенечкиот поет Сречко Косовел, во препев на Филипа Сара Попова, полската поетеса Калина Изабела Жола, во препев на Оливера Андоноска, како и словачкиот поет Михал Митрик, во препев на Звонко Танески.

Рубриката „Проза“ носи раскази од Габриела Стојаноска и Филипа Сара Попова, додека во „Критики, студии“ се објавени три значајни книжевно-критички осврти. Никола Пијанманов пишува за делото и творештвото на Едгар Алан По во текстот „Сè е во сонот сон – обид да се наслика портрет на Едгар Алан По“. Александра Огнаноска се осврнува на романот „Мојата генијална другарка“ од Елена Феранте преку студијата „Женскиот интелект како бегство и кафез“, а Марина Мијаковска ја анализира стихозбирката „Арабеска“ од Милчо Мисоски во текстот „Потрага по арабеска или трагање по хармонични состојби во светот“.

Посебно внимание во ова издание привлекува новата рубрика „Ликовна уметност“, која за првпат се воведува во списанието. По повод роденденот на македонскиот и светски познат уметник Борко Лазески, објавен е неговиот духовен аманет упатен до прилепчани. Станува збор за запис во стихувана форма, забележан во неговиот дневник на 6 септември 1991 година, по завршувањето на монументалната фреска „Македонија во НОВ“, изработена на ѕидовите на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.

Овој значаен документ, кој има особена духовна и културна вредност, уреднички редактиран и проследен со воведник, го подготви уметникот Никола Пијанманов. Со неговото објавување, вредното сведоштво на Лазески се доближува до пошироката македонска јавност, а истовремено се афирмира и значењето на неговото уметничко наследство.

Од редакцијата посочуваат дека новиот број на „Стремеж“ носи и визуелно освежување, видливо преку дизајнот на корицата и начинот на претставување на рубриките. И покрај новиот визуелен пристап, списанието останува доследно на својата уредувачка концепција и на поврзаноста на формата со содржината.

Списанието „Стремеж“ го издава НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Слични Објави