Реакции по случајот со Лиска: Активисти бараат одговори и ослободување на заловените кучиња
Повеќе реакции на социјалните мрежи вечерва по случајот со Лиска, кучето за кое прилепчани тврдат дека било заловено во денешната акција во градот.
Активисти и граѓани бараат одговор од надлежните институции за тоа каде се однесени заловените кучиња и што ќе се случи со нив.
Во една од објавите се упатуваат и сериозни обвинувања за постапувањето со бездомните кучиња во минатото. Се тврди дека имало нехуман третман, несоодветни услови во стационарот, еутаназија на здрави животни, како и злоупотреби поврзани со храната и ветеринарниот третман.
Овие тврдења засега се обвинувања на активисти и не се потврдени од надлежните институции.
Активистите велат дека за дел од ваквите наводи во минатото биле поднесувани пријави до Агенцијата за храна и ветеринарство и бараат институциите јавно да одговорат што е преземено.
Воедно, до градоначалникот е упатен апел да се ослободат и вратат заловените кучиња кои ги исполнуваат законските услови за тоа.
Во објавата активистите се повикуваат на член 28 став 3 од Законот за заштита и благосостојба на животните, според кој уличните кучиња по заловувањето, стерилизацијата, вакцинацијата и здравствениот преглед се враќаат на територијата од која биле заловени, доколку се исполнети законските услови.
Активистите бараат одговор и за денешната акција: колку кучиња се заловени, каде се однесени, во каква состојба се и дали ќе бидат вратени на локациите од кои биле земени.
Најавуваат дека, доколку во рок од седум дена не добијат одговори и не се постапи по нивните барања, можно е организирање протест, блокада или кампување пред стационарот.
Случајот со Лиска, според реакциите, не го гледаат како изолиран случај, туку како повод повторно да се отвори прашањето за начинот на кој во Прилеп се третираат бездомните кучиња.
Од надлежните се очекува одговор на едно едноставно прашање: каде се заловените кучиња и што ќе се случи со нив?


