Октетот Прилеп со годишен концерт на 26 октомври
Октетот Прилеп на 26 октомври (понеделник), со почеток во 18 часот, ќе го одржи својот годишен концерт во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Публиката ќе има можност да ужива во дел од репертоарот на староградски песни на октетот, но и во новоподготвени композиции со кои членовите ќе понудат свеж музички избор и ќе го привлечат вниманието на љубителите на вокалната музика.
Гости на концертната вечер ќе бидат Сашо Башески, Викторија Георгиевска и Михаил Милошески, кои со своите настапи ќе го збогатат музичкиот настан.
Октетот Прилеп долги години работи под патронат на Центарот за култура „Марко Цепенков“ и зад себе има бројни реализирани концерти низ земјава, како и учества на фестивали. Со својот континуиран музички ангажман, октетот придонесува за негувањето и афирмацијата на староградската песна и на македонската музичка традиција.


