(видео) „Со љубов за Прилеп“ – Ротаријанците и прилепските средношколци во служба на хуманоста
По повод 3 Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп, оваа година се одржа традиционалниот арт-хепенинг „Со љубов за Прилеп“, настан кој започнал во 2012 година, по идеја на Наде Караџовска, за време на претседателството на Жарко Бошковски во Ротари клуб Прилеп.
Во настанот учествуваат ученици од сите прилепски средни училишта, кои преку ликовното творештво ги изразуваат своите идеи и погледи на однапред определена тема. Ако во претходните години темата била слободна, годинава младите уметници твореа на тема „Совршенството на несовршеното“.
Од Ротари клуб Прилеп велат дека вредноста на овој проект не завршува со изложувањето на ученичките дела. Создадените цртежи продолжуваат да живеат како дел од хуманитарните активности на клубот. Дел од нив се подаруваат на ротари клубови при меѓусебни посети, додека други се нудат на аукциски вечери, а собраните средства се наменуваат за хуманитарни цели.
„Минатата година дониравме и дрон за противпожарната единица, инвалидски колички за старскиот дом и други донации. На овој начин, преку уметноста на младите, успеваме да придонесеме и за заедницата“, изјави Александар Костадиноски, претседател на Ротари клуб Прилеп.
Годинава во организацијата се вклучи и Ротаракт клуб Прилеп, со цел да се прошири иницијативата, да се поттикне поголемо учество на средношколците и да се обезбеди нејзин понатамошен развој.
„Се надеваме дека од година во година ќе имаме сè повеќе ученици кои ќе учествуваат, поголеми награди и настанот ќе прерасне во уште поголема и подолготрајна традиција“, изјави Емил Батаклиев, претседател на Ротаракт клуб Прилеп.
„Солјубов за Прилеп“ така продолжува да ја поврзува младинската креативност со хуманоста, претворајќи ги ученичките цртежи во дела што, освен уметничка, имаат и конкретна општествена вредност.


