Опозицијата бара посебна седница на Советот за советнички прашања до градоначалникот Проданоски

Сите советници од опозицијата во Советот на Општина Прилеп поднесоа барање до претседателката на Советот, Билјана Кржеска, за свикување посебна седница на која советниците ќе можат да поставуваат прашања до градоначалникот Дејан Проданоски и општинската администрација.

Барањето е поднесено согласно член 43 став 2 од Законот за локалната самоуправа и Годишната програма за работа на Советот, а единствена точка на дневниот ред е поставување советнички прашања.

Според законските одредби, советниците имаат право на седница на Советот да поставуваат прашања до градоначалникот. Дополнително, со Годишната програма за работа на Советот на Општина Прилеп е предвидено на секои три месеци да се одржува посебна седница посветена на советнички прашања.

Сепак, досега е одржана само една ваква седница, и покрај програмската обврска за нивно редовно одржување. Со тоа, според подносителите на барањето, се ограничува можноста избраните советници да добиваат одговори за прашања од интерес на граѓаните и да вршат надзор над работата на локалната извршна власт.

Сега на потег е претседателката на Советот. Согласно член 39 став 2 од Законот за локалната самоуправа, таа е должна да ја свика бараната седница во рок од 15 дена од поднесувањето на барањето.

Доколку тоа не се случи во предвидениот рок, подносителите најавуваат дека ќе го искористат законското право од член 39 став 3, самостојно да се состанат, да изберат претседавач и да ја одржат седницата согласно законската постапка.

Останува да се види дали овојпат советничките прашања ќе добијат место на дневниот ред или повторно ќе останат надвор од салата на Советот.

Слични Објави