На Денот на ослободувањето на Прилеп, објавена „Независна алтернатива“
Независната советничка во Советот на Општина Прилеп, Мирјана Стеваноска, на Денот на ослободувањето на Прилеп ја објави иницијативата за формирање на „Независна алтернатива“.
Во објавата на нејзиниот Фејсбук-профил, Стеваноска ја претставува иницијативата како граѓанска алтернатива, која треба да понуди политичко дејствување надвор од постојните партиски поделби и влијанија.
Како основни принципи ги наведува независното размислување, чесноста, работата и конкретните резултати, наспроти партиските калкулации и политичката пропаганда.
Сепак, во најавата не се наведени имињата на останатите иницијатори, ниту е појаснето кој сè стои зад новата иницијатива. Не се објавени ниту информации за нејзината организациска поставеност, членството и формата во која ќе продолжи да функционира.
Засега, јавноста ја доби најавата за нов политички субјект во прилепскиот простор, но не и имињата на луѓето кои треба да ја сочинуваат „Независна алтернатива“.
Изборот на 3 Ноември за нејзиното објавување е симболично поврзан со Денот на ослободувањето на Прилеп, а пораката на Стеваноска е дека независноста е став, а алтернативата – иднина.


