| |

„Прилепска празнична приказна“: Осум дена забава и празничен базар

Општина Прилеп официјално ја најави „Прилепската празнична приказна“, која ќе започне на 24 декември и ќе трае до 31 декември, со богата културно-забавна програма и новогодишен базар.

Градоначалникот Дејан Проданоски информираше дека новогодишното украсување на градот е завршено и дека годинава Прилеп добива нов концепт на празнично одбележување, со цел создавање празнична атмосфера и привлекување посетители од целата држава.

Тој упати покана до сите граѓани од Прилеп и Македонија да го посетат градот, да уживаат во празничната програма, гастрономијата, Старата чаршија и заедно да го дочекаат 2026 година на 31 декември.

Оваа година, во организацијата на празничната програма како коорганизатор се вклучува и компанијата „Витаминка“, која одбележува 70 години од своето постоење. Компанијата ќе организира празничен базар со седум дрвени куќарки, во кои ќе се нуди храна, пијалоци и ракотворби, како и дополнителни содржини за посетителите.

Претставникот на „Витаминка“, Орде Ѓорѓиоски, истакна дека компанијата активно ќе учествува и во забавната програма на бината, ќе обезбеди бесплатни производи, активности за деца, фотографирање со Дедо Мраз и празнични пакетчиња.

„Нашата цел е оваа празнична приказна да прерасне во традиција и Витаминка, како општествено одговорна компанија, и во иднина да ја поддржува општината и граѓаните“, рече Ѓорѓиоски.

Раководителката на Секторот за култура, Снежана Ристеска, ја презентираше програмата која ќе се одвива на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“. Програмата започнува на 24 декември со свечено отворање и настап на прилепскиот бенд „Да Хаунд“, а во наредните денови ќе настапат Камерниот оркестар од Битола со проектот „Дива“, Владо Јаневски, Јана Марческа, „The Doctors“, „Lockdown“, „Artium“, „Калабалак“, „Љубојна“, како и повеќе диџеи од Прилеп и Скопје.

Во работните денови програмата и базарот ќе се одвиваат од 17 до 21 часот, додека за време на викендите од 12 до 21 часот. Предвидени се и посебни дневни содржини за деца.

Општина Прилеп очекува „Прилепската празнична приказна“ да донесе празнична атмосфера, поголема посетеност и заедничко славење на Новата 2026 годинa

Новогодишното украсување на градот е финансирано од општинскиот буџет, за што се издвоени околу 2 милиони денари.

Слични Објави