Над 11 милиони килограми тутун веќе откупени – квалитетниот род ќе биде откупен до Нова година

Откупот на тутунот со засилена динамика, квалитетниот род ќе биде откупен до Нова година



Откупот на тутунот, кој официјално започна на 15 декември, се одвива со зголемена динамика, беше истакнато на денешната прес-конференција. Како што беше посочено, сите откупни пунктови во државата се отворени, а десетте лиценцирани откупувачи располагаат со вкупно 337 ваги.

Досега се откупени над 11 милиони килограми тутун, што е околу половина од вкупно очекуваниот род годинава. Според проценките, до Нова година ќе биде преземен целиот квалитетен, односно сув тутун, додека влажниот тутун ќе се откупува по празниците, до завршувањето на кампањата на 28 февруари. Овие податоци се совпаѓаат и со информациите објавени во денешниот прилог на Македонската радио-телевизија за текот на откупната кампања.

Просечната откупна цена во моментов изнесува 419,86 денари за килограм, а исплатата кон тутунопроизводителите се врши без застој, во рок од 3 до 5 работни дена. Забележлива е зголемена динамика и од страна на производителите и од страна на откупувачите, имајќи предвид дека годинашниот род е со висок квалитет, но количински помал од првично очекуваното.

„Динамиката е зголемена заради тоа што тутунопроизводителите се задоволни од самиот начин на купување тутун, се купува сето на прва класа, во моментов не се одбива кало, просечната цена е негде 420 денари, односно на вкупната сума на сите количини што се откупени е 419,86 денари. Од оваа цена се задоволни и тутунопроизводителите и тутунот сакаат да си го предадат што поскоро и да дојдат до заработените пари“, изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.

Според најавите, годинава се очекува да бидат откупени околу 22 милиони килограми тутун, а надлежните уверуваат дека нема да остане неоткупен род. Годинашните откупни цени, заедно со субвенциите, достигнуваат околу 520 денари по килограм, што се оценува како рекордно ниво, при што најголем дел од тутунот се откупува како прва класа.

Слични Објави