|

„Набавка“ на проектна документација од општините

       Проектите се капитал на општините. Добрите проекти се и гарант за развојот на една општина. Затоа, општините (некои – побогатите и побројните) имаат и јавни претпријатија за изработка на такви проекти, кои се нарекуваат (најчесто) ЈП за просторни и урбанистички планови. Сега, со ИПА – та, потребни се и други видови „проектанти“, кои ем ќе знаат да „расчитаат“ што донаторот финансира, ем да напишат проект за тоа, ем ќе знаат да најдат прекугранични (со нашите соседи) или европски партнери. Да има општината такви вработени или соработници, воопшто не е лесно заради тоа што таквите луѓе „на прсти се бројат“ и не ти седат во канцеларија за плата, па нека е и највисока.

Дополнително, таквите врвни експерти за ЕУ проекти, за ИПА  – та (и посебно нејзината петта компонента ИПАРД – от), како и за урбанистичко планирање и проектирање, општината мора „да ги набави“, што значи дека мора да ги ангажира преку јавен оглас (не смее градоначалникот да се договара со некоја компанија за проектирање или со поединци – директно, а мора). Дека однапред мораш да ја имаш компанијата или поединецот, со кој ќе се договориш да ти изготви проект или документација, тоа сите го знаат. Градоначалниците немаат избор, освен да имаат „блискост“ со такви компании и поединци, затоа што нивните совети се потребни уште пред да аплицираш со проект (кој ќе те советува, кој ќе ти го изготви проектот, како да знаеш дали можеш воопшто да аплицираш, како да знаеш дали има шанси или е „повикот кроен за некои општини“?), затоа што тие им кажуваат на градоначалниците за приликите, кои ги има и како една општина може да ги искористи истите.

Кај нас полна им е устата на опозицијата (која и да е, каде и да е) и на НВО душебрижниците, дека градоначалникот „работи со некого“, па тоа е сомнително. Фала ти Боже што работи „со некого“, затоа што тој „некој“ работи на „жими мајка“, затоа што градоначалникот нема такви буџетски ставки за да го плати, а потоа тој „некој“ треба да сѝ наплати од добиениот проект. А ако проектот не го одобрат? Кој тогаш ќе го плати тој „некој“?

Градоначалници што ги знаат „тие некој“ способни дечки и девојки (претежно се од НВО секторот, или се искусни владини експерти, со богато искуство или од деловниот сектор на услуги) и кои им веруваат на градоначалниците, се уште многу поретки. Овој сектор на услуги за општините, универзитетите, институциите на системот (од УЈП и МТВ, па до земјоделски задруги, компании, земјоделци…) е мошне дефицитарен, а таков го прави големиот ризик за изработувачите на проекти, дека нема да бидат платени. Навистина, нема успешен и учен понудувач на вакви услуги, кому барем 2, 3 општини, универитет, државна институција или министерство не го „зафркнало“ да работи џабе. Самите велат дека се „многу изгорени“, посебно од градоначалниците. На многу градоначалници, додека проектот не е добиен, полни им се устите со „ти, па Господ“, а кога ќе стигнат парите и откако овие добри „даватели на услуги“ ќе им го испреговараат проектот со странците (во ретко која општина има дури и еден вработен кој знае што е тоа аплицирање, преговарање, контрактирање и егзекуција на проектот), овие на местото координатор ќе си стават внуци и внуки, партиски ќофтиња или ќе ангажираат „ни моја – ни твоја“ фирма да го води проектот.

Нема никаква шанса проектот да биде спроведен (па дури и грешно) со такви кадри, затоа што сиот овој процес е високостручен и подлежи на стотици пропишани правила од донаторот (не само да бидеш „чист“ пред УЈП, туку и пред обемните правила на ЕУ). Но, порано градоначалниците тоа не ги загрижуваше, затоа што државата сѝ плаќаше за направените грешки и криминали: Општинските незналици нека се накрадат, па кога ќе им спискаат од ЕУ дека парите се погрешно трошени и нема да ги рефундираат (не даваат тие пари одма, туку прво општината или институцијата троши свои пари за проектот, па од ЕУ ги рефундираат, ако се потрошени правилно), тогаш државата сѝ плаќаше за тоа, а парите од ЕУ наменети за проектот никогаш и не стасуваа, односно се „репрограмираа“, што значи дека едни те исти пари се ставени за финансирање на македонски проекти секоја година. Но и на таа приказна ѝ дојде крајот, па ако не си способен, можеш само да им се „пулиш на парите“. Парите наменети за тебе и твојот проект ги „отклучуваат“ овие способни и апла учени „дечки и девојки“ – понудувачи на услуги, кои знаат и што е европски тендер и кој може а кој не може да биде платен од проектот, кои знаат што значи секое пропишано правило од донаторите, а такви има „океан“ и знае да преговара за буџетските последици за секоја непредвидена ситуација, а такви има „море“. Набавена сомнителна опрема без потребните лиценци и документи? Нема шанса да помине! Набавена несертифицирана опрема за било какви мерење или набавена од несертифициран добавувач – ниту под точка „разно“. Само еден сомнеж на европските „прегледувачи“ на твоите извештаи, ќе ги стопира парите, а ти си го набавил истото нешто на своја сметка. Чао, толку!

Урбанистичкото планирање пак, од своја страна не само што е мошне широко во зафатот (дијапазонот) на потребни проекти и документација, туку е поврзано со огромна законска регулатива, која мора да ја знаеш. И тоа не е доволно. Треба да знаеш и што се дозволува во пракса, кога ревизиите и МТВ ти ги „гледа проектите“, пред да ги одобри. Неретко, потребно е да имаш и врски кај стручните лица во МТВ, МЖСПП, за да добиеш „максимално дозволено“ од тоа што законот го пропишал како „од – до“ (на пример, во индустриска зона патиштата се широки како реки и до 40 метри, но може да се стеснат и на 11 метри).

Така, во тоа ЈП за проектирање и просторно планирање изработуваат: Основни проекти (од прва и втора категорија), Основни проекти за линиска инфраструктура и градба, проект во текот на изведба, проект за изведена состојба, проекти за кои не е потребно одобрение за градба, проект за обнова, проекти за партерно уредување … кои се однесуваат на паркови, куќи, згради, индустриски објекти, јавни објекти, спомен обележја, идејни решенија, комунална супраструктура. Згора на сето тоа, во услови кога општините немаат голем број вакви проекти и „сè треба кај сиромав“, овие ЈП работат и урбанистичко планирање (ДУП, локална урбанистичка проектна докумнетација, планирање вон населено место, УП за село, ДУПД, архитектонски урбанистички план, проекти за линиска инфраструктура) и надзор (стручен надзор над изведба, технички преглед и прием на објекти од втора категорија) и ревизија на планска документација. Ако од нив бараат, прават и 3D моделирање на објекти. Многу работа, нели? Но, самите општини се виновни (повеќето од нив) што многу малку вложуваа во вистинските проекти, кои се потреба на еден град и село, а многу во предизборните лаги со опашки, ѓоа планирање на развојот и/или урбанизација. Мајмунлаците многу чинат и сите тоа го знаат, но за пуста власт и киселина се пие. За несреќа, партиите сеуште мислат дека овие теми се за „јавноста“ непрепознатливи и граѓаните се сеуште глупави да сфатат, па говорат за петпаречки теми, кои биле „во фокусот на интерес на граѓаните“. Ама фокусииииии, ко за ретардирани!

                За среќа, сегашните општини сите овие работи ги знаат, без оглед дали нешто прават на ова поле, или не. Некои општини имаат по две нозе во еден чевел и не знаат што да направат за тоа да го менат и во очај запаѓаат во неработа и пасивност. Проблемот со проектите воопшто не е лесно решлив, а соработката на општините, кои „ги бирал народот“ и независните експерти и проектантски куќи, кои никој не ги бирал, а можат да донесат пари за општината, сеуште градоначалниците ја учат. Партиите ниту учат, ниту имаат блага врска и тоа се гледа во работата на општинските совети. Тие сѝ мантраат како „Максим по дивизија“ во своите стари приказни, кои веќе никој „не ги купува“ и гледаат ако можат нешто да подзакочат и да им се допаднат на партиските вождови. Беда и нискоумност.

                Затоа и радува кога ќе видиме пример како една општина „набавува“ ум надвор од општината, како што направи Демир Хисар со договорот со проектантската куќа Астрекс од Скопје за изготовка на проекти за тротоари, лед осветлување, улици, канализациона мрежа и прочистителна станица. Можеле и повеќе, но парите им се „ептен бројани“. Радува и фактичката состојба дека во таа општина информациите се добиваат брзо и лесно, затоа што ги има изготвено сите акти за слободен пристап до информации од јавен карактер, со задолжено искусно и посветено службено лице за посредување со информации од јавен карактер и сето тоа го има објавено на својата веб страница. Ако некој сака, со еден меил или пополнување формулар може сè да знае за општината и нема начин да биде одбиен. Со тоа, на сите злонамерници „устите им се затнати“ за тоа како општината сака да се развива и да сѝ го зголемува капиталот во проекти, кои (сигурно) во скора иднина ќе бидат финансирани. Не шпекулирај, туку прашај!

За Прилеп е тоа уште полесно (сега) заради своето ЈП за ПУП, кое после долг застој, повторно (така се чини) започнува да биде важна институција на локално ниво. Пу, пу машала, да не ги урочиме. Ова ЈП е „натоварено“ и со градскиот превоз и уште со сто други работи, а скоро 50% од сите прашања од јавен карактер се упатени до нив (општината ги добива и потоа им ги препраќа). Да се надеваме дека ова не се наши празни надежи и веруваме дека наскоро ќе ги видиме и новите потребни изработени проекти и урбанистички планови на нивната веб страница.

Многу труд на ова поле гледаме и од другите пелагониски општини и не само од „градските општини“, туку и од Новаци и Могила, а и Ресен (така веруваме) ги преброди до некаде ограничувањата дека е „преклопено“ со два национални паркови, па не можеше да дише заради тоа од многуте ограничувања што ги носат законите за нивна заштита.

Законските ограничувања се голема пречка за изработката на урбанистички планови и друга планска документација, која ги овозможува проектите. На пример, градоначалникот на Крушево е во постојана борба со тоа законот, со кој Крушево требаше да биде заштитено подобро, но му донесе невидени ограничувања до таа мерка што ниту фотоволтаици не можат да постават на училиштата, а граѓаните се мошне незадоволни заради неможноста да си подработат на својот имот, кој мора „да чека“ музејот во Прилеп да им реновира или да даде согласност нешто да се реновира и гради во Крушево. Над 20 „прогласени куќи“ чекаат интервенција од прилепскиот Музеј, кој има надлежност над Крушево, па дири и Македониумот чека основен проект, за да може да се работи на него. Сега е како селска стреа, затоа што капе од сите страни.

Ова се само благо нафрлени проблеми на пелагониските општини во врска со планската и урбанистичка документација.

Со овој напис сакавме само малку да ја отвориме кутијата со големи проблеми и предизвици, кои стојат пред пелагониските општини, во врска со проектирањето, за граѓаните да посветат поголемо влимание врз постоечките и изработката на нови проекти и урбанистичка документација, затоа што тука најјасно се гледа која општина и градоначалник се трудат да остават нешто зад себе, а кој само сѝ прави политичка пропаганда, со „благодарение на градоначалникот и партијата“ .

Слични Објави